Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, посочи дека Кисела Вода ќе добие поддршка за проширување на капацитетите и на други училишни објекти за да се воведе едносменска настава на целата нејзина територија. Таа наведе дека веќе се изготвени проекти за проширување на уште три училишта со по шест училници: централното „Круме Кепески“, „Кузман Шапкарев“ во Драчево и „Рајко Жинзифов“ во Пинтија. Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, рече дека Општината целосно ги опремила новите простории во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ со столчиња, клупи, катедри, табли, смарт-уреди во сите училници и со преносни компјутери за наставниците

 

Во основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Кисела Вода од први септември годинава е воведена настава во една смена откако претходно, со заедничка инвестиција од 19 милиони денари на Владата и на локалната самоуправа, се проширија училишните капацитети со шест нови училници.

Вчера, училиштето го посетија министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.

– Едносменското работење е концепт за кој се залага актуелната Влада и во соработка со локалните самоуправи, постепено ја прошируваме неговата примена. Ефектот е повеќедимензионален: децата повеќе се концентрирани на наставата наутро, се задржуваат повеќе на училиште со оглед дека имаат помалку часови на годишно ниво од своите врсници во Европа, повеќе се социјализираат, а воедно се намалуваат и трошоците за функционирањето на училишните објекти – рече Јаневска.

Министерката посочи дека Кисела Вода ќе добие поддршка за проширување на капацитетите и на други училишни објекти за да се воведе едносменска настава на целата нејзина територија.

– Министерството веќе има изготвени проекти за проширување на уште три училишта со по шест училници: централното „Круме Кепески“, „Кузман Шапкарев“ во Драчево и „Рајко Жинзифов“ во Пинтија. Многу скоро ќе објавиме постапки за избор на градежни компании и очекувам на почетокот од следната година да почнат теренските активности – најави Јаневска и додаде дека во земјата, од вкупно 1.023 училишни објекти, во 620 има настава во една смена.

Градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска рече дека Општината целосно ги опремила новите простории во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ со столчиња, клупи, катедри, табли, смарт-уреди во сите училници и со преносни компјутери за наставниците.

– Грижата за децата и континуираното подобрување на условите во сите училишта е наш заеднички фокус – наведе Стаменкоска-Трајкоска.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ