Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ЈП ПОЦ) ги предупредува граѓаните за појава на лажни СМС-пораки во кои непознати испраќачи го злоупотребуваат името на претпријатието, известувајќи за наводно неплатени обврски за паркирање и упатувајќи ги граѓаните на лажни интернет-страници за извршување уплата.
– Во пораките се наведуваат и закани за парични казни од најмалку 20.000 денари, како и за суспензија на регистрацијата на возилото доколку не се изврши плаќањето – информираат од ЈП ПОЦ.

Од претпријатието укажуваат дека овие СМС-пораки не се испратени од ЈП ПОЦ и дека станува збор за обид за интернет-измама (фишинг), преку злоупотреба на името на претпријатието.
Притоа апелираат до граѓаните да не одговараат на ваквите пораки, да не ги отвораат линковите содржани во нив, да не внесуваат лични податоци и податоци од платежни картички и да не вршат уплати преку овие линкови.
– Доколку граѓаните веќе внеле податоци од платежна картичка или извршиле уплата, потребно е веднаш да ја контактираат својата банка и да го пријават случајот во Министерството за внатрешни работи – објаснуваат од ЈП ПОЦ.
Оттаму, ги повикуваат граѓаните за проверка на евентуални обврски за паркирање да ги користат исклучиво официјалните канали на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ – веб-страницата www.poc.mk, електронската адреса [email protected] или телефонските броеви 02/3212-488 и 02/3212-489.
Воедно, посочуваат граѓаните да внимаваат, за да се спречат евентуални финансиски штети и злоупотреби на нивните лични податоци.












