понеделник, јуни 15, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Владата најавува можност за ограничување на маржите и кај прехранбените производи

Владата најавува можност за ограничување на маржите и кај прехранбените производи

Можно воведување на ограничување од 10 отсто на маржите кај храната за да се спречи понатамошен раст на цените. Ова го најави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, а премиерот Христијан Мицкоски потврди дека тешко се живее и оти ќе има дополнителни мерки и покрај тоа што, како што рече, досега прилично многу го изложиле буџетот

61

Владата донесе одлука за ограничување на трговските маржи на вештачките ѓубрива и на бруто-маржите на течниот нафтен гас, а се очекува слична мерка да се примени и кај прехранбените производи. Маржите на неорганските ѓубрива се ограничени на 5 проценти, а на органските на 10 проценти, додека кај течниот нафтен гас има намалување од над 10 проценти во трговијата на големо и од 9 до 10 проценти во малопродажбата.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави дека ќе се интервенира и со мерка за ограничување на маржата до максимум 10 проценти доколку се утврдат злоупотреби или неоправдано зголемување на цените на прехранбените производи.

– Доколку има девијантно однесување од страна на трговците и зголемување на маржите над економски оправданите рамки, ќе реагираме со сите механизми што ни се на располагање – изјави Дурмиши.

Според анализа изработена во соработка со Државниот пазарен инспекторат, следени се цените на 55 основни производи во четири големи трговски синџири, во периодот од 1 февруари до 1 април 2026 година. Резултатите покажуваат дека продажните цени пораснале за 0,4 проценти, а набавните за 1 процент.

Во тој период, просечната бруто-маржа кај трговците е намалена од 16 на 15 проценти.

Според министерот, податоците покажуваат дека трговците делумно го апсорбираат растот на трошоците со цел да се одржи стабилноста на цените.

Кај основните прехранбени производи е забележан благ пораст од 0,45 проценти, при што најмногу поскапеле јајцата, сирењето, маслото и киселото млеко. Овие производи се под силно влијание на берзанските движења и глобалните цени на суровините. Овошјето и зеленчукот поевтиниле за 0,86 проценти, безалкохолните пијалаци за 1 процент, додека кај хигиенските производи има раст од 1,4 проценти.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата се соочува со сериозна економска криза и дека работи на подобрување на животниот стандард на граѓаните и покрај наследените долгови и предизвици.

– Ќе има дополнителни мерки, иако ние досега прилично многу го изложивме буџетот и ќе треба да видиме, бидејќи, еве, завршува вториот месец од кризата, која е историски најголема според Светската енергетска агенција. Оваа криза е поголема од онаа во 2022 година и двете кризи во седумдесеттите години заедно, а ние сме таму каде што сме и сега сметајте да имате по 30, 40 или 60 % од литар поевтино гориво од соседите. Тоа е успех, дали е доволно, не е доволно, дали тешко се живее, да, но ќе се бориме да биде подобро – нагласи премиерот Мицкоски.

Тој истакна дека се преземаат мерки за стабилизација, особено во енергетскиот сектор и цените на горивата.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија сметаат дека досегашните мерки не се доволни во услови на околу 5 проценти инфлација, бидејќи цените растат побрзо од платите, што ја намалува куповната моќ на граѓаните.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ