Јапонскиот производител на автомобили Honda Motor денеска објави дека ќе изгради нова фабрика за автомобили во Охајо, вредна 3 милијарди долари. Во погонот ќе се произведуваат хибридни возила, а ќе се отворат и 2.000 работни места.
Од компанијата наведоа дека фабриката ќе има годишен производствен капацитет од 240.000 возила, а со работа се очекува да започне во 2029 година.
Како што пренесува „Ројтерс“, со ова производниот капацитет на компанијата во САД ќе се зголеми на 1,3 милиони возила годишно, а во цела Северна Америка на 1,9 милиони возила.
Во мај, компанијата најави планови за воведување 15 нови хибридни модели под брендовите Honda и Acura на глобално ниво до 2030 година.
Тогаш беше соопштено и дека компанијата се откажува од претходните цели за продажба на електрични возила. Проектот за производство на електрични возила во Канада, вреден 11 милијарди долари, беше запрен, при што беше извршено и отпишување на инвестиции поврзани со електрични возила во вредност од 9 милијарди долари.
Од компанијата изјавија дека ќе инвестираат во своите капацитети во Алабама за развој на нов V6 хибриден мотор, додека фабриката за мотори во Охајо ќе биде пренаменета за производство на нов четирицилиндричен мотор.
Дополнително, ќе бидат пренаменети и фабриките за менувачи во Охајо и Џорџија, а постојат и планови за повторно активирање на производството на мотори во Онтарио. Бројни странски производители на автомобили најавија значителни нови инвестиции во САД како одговор на царините воведени од администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
Минатиот месец, „Ауди“ објави планови за изградба на фабрика за склопување возила во близина на Мејкон, Џорџија, вредна 4 милијарди долари. Се очекува објектот да биде завршен на почетокот на 2030-тите години, по што би произведувал 200.000 теренски возила (SUV) годишно и би вработувал 4.500 работници.
Во јули, „Тојота мотор корпорејшн“ (Toyota Motor Corporation) објави дека ќе инвестира 3,6 милијарди долари во изградба на производна линија за камионети во својот производствен комплекс во Сан Антонио, Тексас, како и дека дел од производството на камионети ќе го премести од Мексико во САД.
Предвидено е објектот да биде завршен до 2030 година, при што ќе се отворат 2.000 работни места.












