Владата ќе му префрли 70 милиони евра неповратни средства на Град Скопје за да може да го реализира проектот брз автобуски превоз – БРТ. Како што информира министерот за транспорт, Александар Николоски, проектот ќе се реализира со заем од ЕБРД.
– Министерството во соработка со Град Скопје ќе ја обезбеди соодветната инфраструктура за овој тип превоз, а дополнително со проектот за Градски воз и набавката на новите еколошки електрични автобуси ќе понудиме комбиниран систем на транспорт во Скопје, преку кој значително ќе ја подигнеме точноста и ефикасноста на градскиот јавен превоз – истакна Николоски.
Проектот предвидува изградба на две линии во Скопје, едната Исток – Запад и втората Север – Југ, набавка на CNG/хибридни нископодни БРТ-возила, патнички информативен систем, паметни станици, како и интеграција во системот на управување со сообраќајот во Градот.
Како што истакна скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, со овој договор прецизно се утврдуваат правата, обврските и меѓусебната координација помеѓу Министерството за финансии, Министерството за транспорт и врски и Град Скопје во текот на целокупната имплементација на проектот.
-Договорот ги регулира механизмите за управување со средствата од заемот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), формирањето и функционирањето на единицата за имплементација на проектот, како и обврските за навремено обезбедување на сите административни, технички и финансиски предуслови. Тој предвидува јасни процедури за повлекување на средствата, управување со посебните сметки, како и обезбедување на сите неопходни дозволи, одобренија и документација за непречено спроведување на активностите – информираше Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека договорот за имплементација е веќе одобрен и од Европската банка за обнова и развој.
-Ова ќе овозможи започнување со конкретни активности на терен – од јавни набавки и техничка подготовка, до реализација на инфраструктурните работи- нагласи Ѓорѓиевски.
Рокот за завршување на овој значаен проект е февруари, 2029 година.
Претходно, Ѓорѓиевски, се изјасни дека ќе се реализира проектот за брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје, со тоа што ќе биде ревидирана и проширена верзијата од периодот кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, со тоа што трасата од Бутел до Кисела Вода ќе се продолжи до Драчево.
Ѓорѓиевски тогаш нагласи дека проектот мора да се реализира, бидејќи, во спротивно, државата ќе плаќа камати за кредитот од 70 милиони евра обезбеден од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
– Државата има земено кредит за овој проект. Наместо да го прекинуваме, наша обврска е да го продолжиме. Моја забелешка отсекогаш е да се продолжи трасата до Драчево, и ќе го направиме тоа – кажа Ѓорѓиевски.
Тој најави дека тендерската постапка за системот за брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје ќе биде распишана во втората половина од 2026 година, а реализацијата на терен се очекува да започне во 2027 година.
Проектот за БРТ се подготвуваше околу три години, со поддршка од ЕБОР, а за студиите и истражувањата беа вложени преку 170.000 евра. Во април 2021 година беше потпишан договор за кредит од 70 милиони евра, за изградба на двете траси. Проектот беше презентиран во јули 2021 година. Според овој проект, со брзиот автобуски превоз на граѓаните ќе им биде потребен половина час за да стигнат од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, односно од едниот до другиот крај на метрополата.
(А. П.)












