– Во овој краток период, Кисела Вода го потврди својот епитет на ефикасен сервис што работи за граѓаните. Со реализирани пет километри нов асфалт, со отворено ново кино и со интензивна работа на над 20 крупни капитални проекти, покажавме дека динамиката не запира. Некои од овие зафати се веќе завршени и пуштени во употреба, додека други се во напредна или во завршна фаза. Голем дел од овие проекти ги реализираме самостојно, а значаен дел со силна поддршка од Владата на Република – вели во разговор за ВЕЧЕР градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска

Политичкиот пат на Бети Стаменкоска-Трајкоска се движи од професорската катедра, преку пратеничките клупи во македонското Собрание, сè до позицијата прв човек на Општина Кисела Вода. Денес, таа е единствената жена градоначалник во Скопје. На чело на институција што се издвојува како општина со најголем број жени – вкупно 103, од кои дури 18 на клучни раководни позиции, таа преку личен пример докажува дека женското лидерство носи нова димензија на ефикасност, посветеност и емпатија во локалната самоуправа.
По повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март, но и по неодамнешното одбележување на првите 100 дена од преземањето на функцијата, разговараме со градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска за предизвиците на раководењето, за реализираните инфраструктурни и капитални проекти, како и за неопходноста од континуирана борба за заштита, едукација и системска поддршка на жените во македонското општество.
*Вие сте единствената жена градоначалник во Скопје, што е податок кој сам по себе зборува за Вашата решителност и за силниот лидерски капацитет. Сто дена по почетокот на мандатот, како се чувствувате на оваа одговорна позиција и каков предизвик претставува тоа за Вас?
– Да се биде градоначалник на Општина Кисела Вода е огромна чест, но, пред сè, сериозна одговорност. Како единствена жена градоначалник во Скопје, чувствувам обврска преку својата работа да покажам дека политиката и раководењето се простор каде што доаѓаат до израз способноста, посветеноста и професионализмот. Женскиот пристап внесува една дополнителна димензија на организираност, емпатија и упорност кон деталите, што сметам дека е круцијално во локалната самоуправа. Мојата цел е преку личен пример да докажам дека вистинското лидерство се потпира исклучиво на капацитетот, визијата и посветеноста кон граѓаните.
*Општина Кисела Вода се издвојува како институција со исклучително големо женско присуство – вкупно 103 жени, од кои дури 18 се наоѓаат на клучни раководни позиции. Имајќи предвид дека, покрај Вас, функциите шеф на кабинетот, секретар на Општината, претседател на Советот и портпарол ги извршуваат токму жени, се наметнува прашањето колку е овој силен женски тим клуч за досегашните успеси.
– Токму така, и тоа е факт со кој исклучително се гордеам. Во Кисела Вода, жените не се само бројка на хартија за исполнување квоти туку се и голем дел од моторот што го движи системот. Покрај мене, Советот на Општина Кисела Вода го предводи жена, шефот на кабинетот е жена, секретарот на Општината, портпаролот, како и огромен процент од раководителите на сектори се жени. Оваа структура докажува дека кога ќе им се дадат простор и доверба, жените градат стабилност, умеат да ги менаџираат кризите и може да дадат извонредни резултати. Тоа е тим што работи макотрпно, со висок интегритет, секојдневно докажувајќи дека компетентноста е единствениот критериум за успех.
*Кога зборуваме за рушење на стереотипите, колку е важно да им се пренесе на помладите генерации пораката дека успехот се должи на квалитетот?
– Тоа е, можеби, најважната битка што ја водиме. Ние мораме континуирано да ги едуцираме младите. Девојчињата од најрана возраст мора да растат со свеста за сопствениот квалитет, сигурни во својата умешност и во своето знаење. Тие мора да знаат дека е важен нивниот глас, дека умеат и дека можат да бидат сè што ќе посакаат: врвни инженери, успешни претприемачи, лидери, градоначалнички, министерки… Сакам секоја млада жена да знае дека е неограничен нејзиниот потенцијал и дека нејзиното место во општеството зависи само од нејзината способност. Токму затоа, преку нашите политики во Општината, ставаме акцент на младите и на едукацијата за да изградиме генерации ослободени од предрасуди, кои меѓусебно ќе се почитуваат и вреднуваат исклучиво според знаењето, компетентноста и трудот.

*Неодамна го презентиравте отчетот „100 дена, 100 дела“. Што претставува овој извештај за Вас и кои се клучните инфраструктурни проекти што ја обележаа динамиката на Општина Кисела Вода во овој период?
– Овој слоган, за мене, не е само симболика. Тој е жива статистика на нашиот заеднички труд. Тој е доказ дека во Кисела Вода, секој еден ден значи нов проект за граѓаните. Нашата работа цврсто се темели на три клучни столба: целосна законска издржаност, апсолутна транспарентност и проекти што извираат директно од барањата на нашите жители. Во овој краток период, Кисела Вода го потврди својот епитет на ефикасен сервис што работи за граѓаните. Со реализирани пет километри нов асфалт, со отворено ново кино и со интензивна работа на над 20 крупни капитални проекти, покажавме дека динамиката не запира. Некои од овие зафати се веќе завршени и пуштени во употреба, додека други се во напредна или во завршна фаза. Голем дел од овие проекти ги реализираме самостојно, а значаен дел со силна поддршка од Владата на Република Македонија. Тоа се заеднички инвестиции и резултат на одличната институционална соработка со една единствена цел: подобар, побезбеден и пофункционален живот за сите. Во таа насока, покрај асфалтирањето, посветено работиме и на решавањето на подземната инфраструктура, во моментов се градат два нови паркинзи, а паралелно се работи и на целосна замена на уличното осветлување со ново ЛЕД-осветлување, кое е далеку поекономично и енергетски ефикасно.
*Инфраструктурната офанзива низ Општината е очигледна, но еден од најважните сегменти во Вашата работа се токму капиталните инвестиции во детската заштита и во образованието. Младите семејства со нетрпение ги очекуваат решенијата за згрижување на најмладите…
– Вложувањето во најмладите е директен влог во нашата иднина и тука не правиме никакви компромиси. Навистина сум горда што можам да најавам дека во периодот што е пред нас, ќе бидат примени првите дечиња во новата градинка во населбата 11 Октомври – Згради.
Истовремено, градинката во Потстаница е веќе целосно опремена, а градиме уште еден нов објект во Расадник. Нашата стратешка цел е еднаш засекогаш да ги затвориме листите на чекање. Што се однесува до образованието, континуирано ги подобруваме условите преку сериозни капитални инвестиции. Интензивно работиме на доградба на училиштата „Невена Георгиева-Дуња“ и „Кирил Пејчиновиќ“, како и на изградба на две нови спортски сали.
*Покрај овие крупни проекти во образованието, неодамна бевме сведоци на настан со голема историска и културна вредност – отворањето на првото кино во македонско село по ерата на Југославија, токму во селото Драчево. Каков предизвик е да се реализира ваков капитален културен проект надвор од строгиот центар на Скопје?
– Тоа беше навистина една емотивна и историска вечер за сите нас. Да се отвори првото кино во едно македонско село по времето на Југославија не е мала работа. Ова е веќе второ кино што го отвораме во успешна соработка и партнерство со „Киноверзум“. Овој проект е и убав пример за континуитетот во локалната самоуправа, бидејќи иницијативата за негово отворање започна уште во текот на мандатот на мојот претходник, актуелниот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, а ние со задоволство ја продолживме плодната соработка и го доведовме проектот до финална реализација. Особена чест ни е што свеченоста ја збогатија многубројни гости од државниот врв, пратеници и истакнати културни работници, а за прва проекција го имавме македонскиот кандидат за „Оскар“, документарецот „Приказната за Силјан“, во присуство на режисерката Тамара Котевска и на продуцентот Јорданчо Петковски. Она што сега најмногу ме радува е фактот што салата во селото Драчево е полна и луѓето веќе редовно одат во кино и уживаат во проекциите. Тоа е вистински показател дека децентрализацијата на културата е апсолутен успех и дека граѓаните навистина сакаат и заслужуваат врвна уметност достапна токму во нивната општина, во нивното маало.
*Покрај културата и образованието, забележливо е дека спортот добива една нова, засилена димензија во Кисела Вода. Ја воведовте манифестацијата „Спортист на годината“, инвестирате во шаховската едукација на младите, се гради нова спортска инфраструктура… Која е Вашата стратегија за подигнување на спортските стандарди, поддршка на спортистите и за обезбедување еднакви услови за сите, вклучително и преку инклузивни проекти?
– Спортот отсекогаш бил заштитен знак на нашата општина, а моја стратешка заложба, како градоначалник, е да го поставиме на уште повисоко ниво и да му го дадеме третманот што вистински го заслужува. Ако зборуваме за инфраструктурата, сите знаеме колку значи култната сала „Расадник“ за скопјани. Затоа навистина ме радува што нејзината целосна реконструкција е веќе во завршна фаза. Тоа е еден капитален проект што исклучително успешно го реализира Министерството за спорт во соработка со нашата општина. Истовремено, ние, како локална самоуправа, со поддршка од Владата, паралелно градиме нови спортски сали во подрачното училиште „Круме Кепески“ во Припор и во основното „Кузман Јосифоски-Питу“. Покрај големите вложувања во инфраструктурата, кои се неопходна основа за секој напредок, подеднакво е важно системски да ги вреднуваме и мотивираме самите спортисти. Токму затоа, првпат во историјата на Кисела Вода го организиравме изборот на „Спортист на годината“. Оваа манифестација е директно признание за врвните резултати на нашите истакнати спортисти и спортски работници, но и огромен мотив за младите надежи, кои гледаат дека вистински се ценат нивниот труд и нивната пот. Се надевам дека ова ќе прерасне во една убава, долгогодишна традиција. Од друга страна, спортот значи и интелектуален развој. Преку соработката со Академијата „Данчевски“, им овозможивме на младите бесплатни часови по шах, а шахот го воведовме и како изборен предмет во училиштата, за што нашите наставници поминаа посебна обука. Како локална самоуправа, цврсто сме посветени на обезбедувањето еднакви можности за сите, бидејќи во спортот едноставно не смее да има бариери, а инклузивноста е наш исклучително важен приоритет. Преку нашиот проект „Спортуваме – другаруваме“, дониравме специјална опрема за голбол клубот при училиштето „Димитар Влахов“, а годинава одиме и чекор подалеку, организираме спортска лига со звучна топка. За да бидеме сигурни дека се води овој процес стручно, соработуваме со Факултетот за физичко образование, а нашите наставници поминаа специјализирана обука за работа со дечињата со посебни потреби. Нашата обврска како институција е да изградиме систем што не познава физички или општествени бариери и нуди реални, еднакви можности за интеграција и развој на секој наш жител.

Жените мора да знаат кои се нивните права и да бидат сигурни дека институциите цврсто стојат зад нив
– Почитта кон жената мора да биде наше секојдневие, а не само празнична реторика. Осми март е, секако, еден од тие денови, но тоа е ден кога, можеби, пораките што ги испраќаме се најгласни и најсилни. Одбележувањето го започнавме уште пред неколку дена, преку прекрасни работилници со дечињата во нашите градинки. Тие изработуваа честитки и ракотворби, но уште поважно, низ разговор учеа за вистинската улога на жената во општеството, која е многу поширока од нејзината бесценета улога како мајка. Овие подароци, изработени со многу љубов, самите дечиња потоа им ги поделија на жените. Воедно, за денешниот ден, низ целата општина се делат симболични подароци во знак на внимание кон нашите сограѓанки, а, исто така, имав чест да присуствувам и на прославата со нашите пензионерки, жени што го граделе ова општество. Но, не смее да се сведе празникот само на подароци. Тој е силен потсетник дека сите наши активности континуирано мора да бидат насочени кон зголемување на свесноста за правата на жената во сите сфери на општеството. Затоа, веќе утре, ден по 8 Март, ќе организираме исклучително важна трибина насловена „Заштита од вознемирување на работното место врз жените, дискриминација и права од работниот однос“. Жените мора да знаат кои се нивните права и да бидат сигурни дека институциите цврсто стојат зад нив. Во оваа пригода би сакала да најавам уште еден значаен исчекор. Во периодот што е пред нас, ќе започнеме проект овозможен преку соработката со Здружението „Холизам“ – едукативен центар за психолошко-педагошки и социјален развој на децата, младите и на возрасните. Имено, започнуваме со бесплатни обуки и работилници за менталното здравје и за психолошката отпорност, наменети за жените што имаат потреба од ваква поддршка, а финансиски не се во можност да си ја обезбедат. Дополнително, континуирано работиме на проекти што го поддржуваат женското претприемништво, бидејќи економската независност и заштитата на работното место се темелот на слободата и рамноправноста на секоја жена. Но, над сето ова, најважната порака што сакам да ја испратам денес е дека безбедноста и сигурноста на жената се задолжителни и не подлежат на никаков компромис. Нашата борба продолжува и ние мораме заедно, гласно да се бориме за зголемување на свесноста дека насилството не е нормалност.












