Виртуозниот полски виолинист, Мариуш Патира, и истакнатиот пијанист, Радослав Курек, вчеравечер приредија впечатлива музичка вечер во Камерната сала на Македонската филхармонија, во рамките на концертната дејност на НУ „Охридско лето“, надвор од редовната фестивалска сезона.
Публиката имаше можност да ужива во внимателно одбран репертоар, кој понуди дела од различни стилски периоди и ги истакна виртуозноста и музичката интерпретација на двајцата уметници.
Со својата извонредна техника, музикалноста и со сценската енергија, Патира и Курек ја воодушевија публиката, која ја награди нивната изведба со долги и громогласни аплаузи.

Особено внимание предизвика музичката комуникација меѓу двајцата уметници, чии изведби се надополнуваа во впечатлива целина, оставајќи силен впечаток кај присутните.
Мариуш Патира во 2001 година ја освои главната награда на престижниот меѓународен виолински натпревар „Николо Паганини“, како прв полски виолинист кому му припаднало ова признание. Има настапувано на престижните концертни сцени во Европа, Јапонија, САД и во Мексико.
Радослав Курек, пак, е истакнат пијанист и камерен музичар, добитник на наградата „Бриџит Дулан“ за најдобра изведба на дело од Моцарт на натпреварот во Даблин, како и на главната награда на меѓународниот натпревар „Јоханес Брамс“ во Австрија. Има настапувано на концертните сцени во Европа, Америка, Азија и во Африка.
Со овој концерт, „Охридско лето“ ја продолжува својата концертна дејност и надвор од редовните фестивалски денови, традиција почната минатата година.
Kонцертот се реализираше со поддршка на Амбасадата на Република Полска во Скопје, а влезот за посетителите беше бесплатен, како израз на благодарност за поддршката и довербата на публиката, но и како придонес кон создавањето достапни и квалитетни културни содржини.
По синоќешниот концерт, концертната програма ќе продолжи на 4 декември, во Музејот на македонската борба за самостојност, со настап на извонредната корејско-американска сопранистка, Јуна Ли, и на пијанистот Кенет Клецјен.












