Во отчетот, во делот на инфраструктурата, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави дека треба да биде завршен булеварот „Борис Трајковски“, на потегот од Пинтија до Драчево, до крајот на годинава, дека привршуваат работите на клучката кај Момин Поток и дека продолжуваат активностите за изградба на булеварот „Македонија“, кој ќе биде првата подземна сообраќајница во Скопје. Ги спомена и новиот мост на Вардар во Карпош, кој ќе ги поврзе улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, и активностите на пристапните улици за ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“, преку булеварот АСНОМ. Меѓу поголемите еколошки проекти, тој ја спомена изградбата на пречистителната станица во Трубарево, која, како што кажа, е реализирана над 40 проценти
Намалување на финансиските обврски на Градот и на јавните претпријатија, придвижување на капиталните инфраструктурни проекти, инвестиции во јавниот превоз и во животната средина, како и нови мерки во образованието, културата и во социјалната заштита. Ова се дел од резултатите што ги презентираше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на отчетот за првата година од мандатот.
Тој посочи дека при преземањето на функцијата, затекол речиси 300 милиони евра долг, финансиски оптоварени јавни претпријатија и заглавени капитални проекти. Според него, во изминативе 12 месеци градската администрација успеала да ја стабилизира финансиската состојба и истовремено дапочне нов инвестициски циклус.
Тековните обврски на Градот биле намалени за 322 милиони денари и дополнителни 743 милиони денари по основ на кредити, експропријации, судски постапки, субвенции и програмски активности. Намалени се и обврските на јавните претпријатија, меѓу кои „Водовод и канализација“ за 1,66 милијарди денари, ЈСП за 634 милиони денари и „Комунална хигиена“ за 122 милиони денари.
Како значаен резултат го наведе и раздолжувањето на повеќе градски културни установи, меѓу кои Музејот на Град Скопје, КИЦ, Детскиот културен центар и Домот на културата „Кочо Рацин“.
Во делот на инфраструктурата, Ѓорѓиевски најави дека треба да биде завршен булеварот „Борис Трајковски“, на потегот од Пинтија до Драчево, до крајот на годинава.
– Привршува клучката кај Момин Поток и продолжуваат активностите за изградба на булеварот „Македонија“, кој ќе биде првата подземна сообраќајница во Скопје. Во Карпош се гради новиот мост на Вардар, кој ќе ги поврзе улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, а се работи и на пристапните улици за ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“, преку булеварот АСНОМ. Во меѓувреме, се реконструираат повеќе улици во различни делови од градот, а во Клиничкиот центар се привршува постапката за проектирање и изградба на две монтажни катни гаражи со повеќе од 500 паркинг-места – наброја Ѓорѓиевски.
Тој меѓу поголемите еколошки проекти, ја спомена изградбата на пречистителната станица во Трубарево, која, како што кажа, е реализирана над 40 проценти.
– Паралелно се одвиваат активностите за „одгасување“ на „Вардариште“ и за отстранување на отпадот, по што на просторот е планиран мегапарк од околу 600.000 квадратни метри – објасни скопскиот градоначалник.
Во областа на зеленилото, Ѓорѓиевски информираше дека се уредуваат и подигаат околу 200.000 квадратни метри нови зелени површини, а почната е и есенска акција за садење повеќе од 6.000 садници.
– Се уредуваат нови паркови во Бутел и во Сарај, а се развиваат и зелени коридори во повеќе општини – истакна првиот човек на градот.
Тој додаде дека ќе пристигнат и 100 нови еколошки автобуси, што би било прва ваква набавка по една деценија.
Повтори и дека се отстранети пречките за реализација на БРТ-системот, со изменет проект според кој ќе биде зачувано постојното зеленило. Исто така, го спомена и градскиот воз, кој е во функција од 1 септември годинава, на релацијата Зелениково – Скопје.
Во делот на комуналната хигиена, тој рече дека се набавени специјализирани возила и оти е почната испораката на вкупно 3.300 нови контејнери. Тој потенцираше и дека граѓаните имаат можност бесплатно, еднаш во неделата, да го фрлат кабастиот отпад во депонијата „Дрисла“.
Ѓорѓиевски се осврна и на инвестициите во образованието, наведувајќи дека училиштата добиле нова наставна и информатичка опрема, современи кабинети и лаборатории, спортски терени и фитнес-зони. Најави и дополнителни инвестиции во енергетската ефикасност, преку поставување топлотни пумпи и фотоволтаични системи во средните училишта.
Во социјалната сфера, меѓу реализираните активности ги издвои отворањето на Шелтер-центарот за жртвите на семејно насилство, Центарот за дневен престој за лицата со попреченост, како и центрите за лица со дијабетес и со церебрална парализа. Обезбедена е и парична помош за повеќе од 1.500 онколошки пациенти.
Во културата, градоначалникот потврди дека Скопје ја задржува титулата европска престолнина на културата за 2028 година.
– Продолжува изградбата на Универзалната сала, а во тек е и ревитализацијата на скопското Кале. Ќе се врати во функција и киното „Милениум“, по планираната реконструкција – нагласи Ѓорѓиевски.
Меѓу проектите за наредниот период, ги најави новиот мост и улицата што ќе ги поврзат Ѓорче Петров и Сарај, булеварот „Хасан Приштина“, како и мостот преку Вардар, меѓу Ново Лисиче и Маџари, чија реализација треба да почне следната година.
Ѓорѓиевски порача дека неговата цел е целосна реализација на програмата со која ја добил довербата од граѓаните, нагласувајќи дека и покрај досегашните резултати, остануваат бројни обврски и проблеми што треба да се решат.
(А. П.)












