Откупот и продажбата на земјоделски производи во Македонија бележат пад во третото тримесечје од 2026 година. Вкупната вредност изнесувала 4,73 милијарди денари, што е за 8,8 проценти помалку во споредба со тој период лани, кога достигнала 5,19 милијарди денари.
Најголемо намалување е забележано кај откупот од индивидуалните земјоделски производители, кој паднал за 13,5 проценти – од 2,7 на 2,33 милијарди денари. Пониска е и вредноста на продажбата на земјоделски производи од сопствено производство, за 3,7 проценти и изнесува 2,39 милијарди денари.
Падот е присутен кај речиси сите главни земјоделски групи. Откупот и продажбата на полјоделски производи, овошје и на грозје, како и производи од сточарството, се намалени за по 12,7 проценти. Исклучок се алкохолните пијалаци, кај кои е регистриран раст од 4,3 проценти, со вредност од над една милијарда денари. Зголемување од 15,6 проценти има и кај рибата, но станува збор за категорија со значително помала вредност.
Забележано е намалување и кај количествата на повеќе важни земјоделски производи. Откупената и продадена пченица се намалила од 35.814 на 29.073 тони, а грозјето од 55.436 на 46.411 тони. Особено изразен е падот кај доматите, чие количество се намалило од 4.276 на 1.986 тони. Помалку е откупено и продадено и млеко – 213.715 хектолитри наспроти 269.814 во тој период лани.
Има пад и кај говедата, од 196 на 154 тони, како и кај свињите, од 2.041 на 1.961 тон. Од друга страна, зголемени количества се регистрирани кај пченката, јаболката, овците, рибата и кај печурките. Количеството јаболка пораснало од 472 на 591 тон, рибата од 32 на 36 тони, а печурките повеќе од двојно – од шест на 14 тони.












