„Приказни од јазикот“ e лексикографски труд на Емил Ниами што излезе од печат деновиве, во издание на книгоиздателството „Ми-ан“.

Книгата на популарен и релевантен начин одговара на прашањето: што се крие зад зборовите што секојдневно ги изговараме? Во неа ќе најдете одговори на прашањата зошто велиме „Ахилова пета“, „Пирова победа“, „Авгиеви штали“, „петта колона“ или „седмо небо“. Какви приказни, митови, историски настани и човечки судбини се кријат зад изразите што толку често ги употребуваме, а толку ретко се прашуваме од каде потекнуваат?

Токму во потрагата по одговорите на овие прашања настанала книгата „Приказни од јазикот“ од Емил Ниами. Таа ги води читателите на едно возбудливо патување низ историјата, митологијата, книжевноста и културата, откривајќи им ги необичните и понекогаш сосема неочекувани потекла на познатите зборови и фразеолошки изрази. Секоја приказна носи ново сознание, изненадување и можност да го погледнеме познатото од поинаков агол. Насловот „Приказни од јазикот“ не е случаен. Ова не се само приказни за јазикот туку и приказни што ги зачувал и пренесувал самиот јазик низ вековите. Како што истакнува рецензентот, проф. д-р Бобан Карапејовски: „Тоа се приказни што ги зачувал јазикот: приказни што преживеале империи, религии, војни, книги и луѓе.“ Зборовите така се претвораат во мали временски капсули, во кои се чуваат човечкото искуство, колективното паметење и културното наследство.

Особена убавина на книгата ѝ даваат илустрациите на академската сликарка Ена Налбантиќ, кои ја придружуваат секоја приказна и ѝ даваат препознатлив визуелен идентитет. Благодарение на нив, читањето станува и визуелно доживување.

„Приказни од јазикот“ е книга за сите љубопитни читатели, за оние што сакаат да откриваат, да дознаваат и да се изненадуваат. Книга што ќе нè потсети дека зад секој збор може да се крие цел еден свет и дека понекогаш е доволно само да прашаме: од каде потекнува ова? Зашто, како што сугестивно заклучува Карапејовски во поговорот: „Си беше еднаш една приказна. А, потоа приказната стана збор. И би збор. И сè уште трае.“

Емил Ниами е доктор по филолошки науки. Неговиот научен интерес е насочен кон лексикографијата, лексикологијата, социолингвистиката и традуктологијата. Во моментов работи во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во
Скопје.

ИЗДВОЕНИ