Француското кошаркарско чудо, Виктор Вембањама, одигра натпревар за историјата, предводејќи го Сан Антонио до спектакуларна победа од 122:115 на гости, против Оклахома, по две продолженија на првиот меч од финалето на Западната конференција.
Тој блескаше со неверојатни 41 поен и 24 скока, од кои девет офанзивни, а додаде и три асистенции за 49 минути на теренот. Во клучните моменти, токму тој го реши натпреварот, постигнувајќи девет поени во второто продолжение и целосно замолчувајќи ја арената во Оклахома.
Еден од најлудите моменти на вечерта се случи во првото продолжение. При негатива од три поени и само 27 секунди до крајот, Вембањама погоди неверојатна тројка речиси од центарот на теренот, за ново израмнување.
WEMBY, WOW!
WHAT A SHOT TO TIE THE GAME AT 108. pic.twitter.com/HELQUpxww7
— NBA (@NBA) May 19, 2026
По тајм-аутот, Џејлин Вилијамс не успеа да го реализира шутот за победа, па мечот замина во второ продолжение, каде што доминираше Спарс.
Вембањама имаше голема помош од дебитантот Дилан Харпер, кој постигна 24 поени и запиша седум украдени топки, што е нов рекорд на Сан Антонио во плејофот. Уште поимпресивно е што Спарс славеше без Де Арон Фокс, кој го пропушти натпреварот поради повреда на зглобот.
На другата страна, ниту МВП-признанието не му помогна на Шај Гилџус Александар да ја одведе Оклахома до победа. Канаѓанецот го заврши натпреварот со 24 поени и 12 асистенции, но имаше слаба шутерска вечер и погоди само седум од 23 обиди од поле.
Во последната четвртина, Тандерс успеа да се врати од двоцифрената негатива и да се избори за продолжение, но во финишот немаше одговор за фантастичниот Вембањама.
Со оваа партија, Французинот стана најмладиот играч во историјата на НБА што постигнал најмалку 40 поени и 20 скока на плејоф-натпревар.
Со триумфот, Сан Антонио веднаш ја украде предноста на домашниот терен и поведе со 1:0 во серијата. Вториот натпревар ќе се игра в четврток изутрина (2:30 часот по полноќ), повторно во Оклахома Сити.











