Според новата проценка на истражувачката и советодавна компанија „Гартнер“ (Gartner) – која го привлече и вниманието на „Фајненшел тајмс“ (Financial Times) – најмногу 1,8 отсто од работната сила би можеле да ги загубат своите работни места поради вештачката интелигенција. Истовремено, се очекува да се создадат повеќе нови работни места отколку што ќе бидат изгубени. „Гартнер“ предвидува укинување на 8,9 милиони работни места и создавање на 10,6 милиони нови – што претставува нето-зголемување од 1,7 милиони. (Проценката на „Гартнер“ не ги вклучува Кина и Индија, кои се изоставени од анализата поради големиот удел на нивната работна сила вработена во земјоделството.)
Се очекува значително поголемо влијание врз начинот на кој се извршува работата. Повеќе од 435 милиони вработени – нешто повеќе од една петтина од работната сила – би можеле да се соочат со големи промени во своите улоги поради воведувањето на вештачката интелигенција.
Сепак, иако долгорочните прогнози не предвидуваат масовно исчезнување на работните места, на пазарот на трудот веќе се појавува поинаков проблем. Според „Гартнер“, приближно 1,3 милиони слободни работни места биле одложени или останале непополнети, поради неизвесноста околу влијанието на вештачката интелигенција и идните потреби за вработување. До 2030 година, кумулативниот број на одложени вработувања би можел да достигне пет милиони. Дополнителен увид во влијанието на вештачката интелигенција врз вработувањето на лица на почетни позиции дава истражувањето на „Гартнер“ спроведено меѓу 110 директори за човечки ресурси. Дваесет и два отсто од нив изјавиле дека барем еден раководител во нивната организација го запрел вработувањето за одредени почетни позиции поради вештачката интелигенција.
Поранешниот британски премиер Риши Сунак – кој сега е советник во компаниите „Антропик“ (Anthropic) и „Мајкрософт“ (Microsoft) – исто така укажа на намалувањето на вработувањето на млади луѓе. Во интервју за Би-Би-Си (BBC), тој истакна дека корпоративни раководители му признале оти вработуваат помалку млади луѓе поради вештачката интелигенција (ВИ).
Од страв од масовни отпуштања до поинаква реалност
Стравовите од масовно губење на работни места се појавија уште со првиот голем пробив на вештачката интелигенција. Уште во 2023 година, инвестициската банка „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs) процени дека вештачката интелигенција би можела да изложи на автоматизација работни места што одговараат на 300 милиони позиции со полно работно време.
Во мај 2025 година, Дарио Амодеи – извршен директор на „Антропик“ (Anthropic), една од водечките светски компании за развој на вештачка интелигенција – предупреди дека ВИ би можела да елиминира половина од сите канцелариски работни места на почетно ниво во текот на следните неколку години.
Иако извршниот директор на „Антропик“ неодамна предупреди на оваа можност, бранот отпуштања сè уште не се случил. И покрај сè пошироката примена на вештачката интелигенција, нема веродостојни докази дека таа предизвикала масовно намалување на вработеноста во економијата како целина.
Ниту вработување, ниту отпуштање
Промените во структурата на вработеноста се видливи и во самата индустрија за вештачка интелигенција. Како што пренесува „Фајненшел тајмс“ (Financial Times), уделот на почетници меѓу нововработените технички кадри во „Антропик“ се намалил од 27 на девет отсто. Иако не е утврдено дека причината е вештачката интелигенција, податоците покажуваат дека дури и во една од водечките компании што ја развиваат оваа технологија, структурата на новото вработување се менува.
На положбата на младите на пазарот на трудот особено укажува истражување на Лабораторијата за дигитална економија при Универзитетот Стенфорд. Ерик Бринјофсон и неговите колеги анализирале податоци за милиони американски работници.
Тие откриле дека вработеноста на лицата на возраст од 22 до 25 години во професии што се силно изложени на влијанието на вештачката интелигенција, била за 19 отсто помала отколку што би била доколку ги следела трендовите на вработување кај нивните врсници во професии што се помалку изложени на ова влијание.
Клучниот наод е дека овој заостаток првенствено се должи на намаленото вработување нови работници, а не на зголемениот број луѓе што ги напуштаат своите работни места. Кај поискусните вработени не е забележан сличен пад. Најголемите проблеми се јавуваат таму каде што вештачката интелигенција ги заменува човечките задачи, наместо само да им помага на работниците. Економистите од Федералните резерви на Кливленд (Federal Reserve Bank of Cleveland) ја опишуваат ваквата состојба со изразот „ниту вработување, ниту отпуштање“ – односно ситуација во која работодавачите ги задржуваат постојните вработени, но го ограничуваат вработувањето на нови кадри.
40.000 млади помалку во Германија
Слични наоди објави и германскиот институт „Ифо“ (Ifo). Во професиите што се најмногу изложени на влијанието на вештачката интелигенција, бројот на вработени со полно работно време на возраст од 20 до 24 години се намалил од приближно 279.000 во третиот квартал од 2022 година на 239.000 до почетокот на 2026 година. Истовремено, вкупниот број на вработени во овие професии забележал благ пораст.











