сабота, јули 4, 2026
Дома СВЕТ Ванг Ји: Историски момент во односите меѓу Кина и САД – нова...

Ванг Ји: Историски момент во односите меѓу Кина и САД – нова ера на стратешка стабилност

46

По средбата меѓу кинескиот претседател Шји Џинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп во Пекинг, шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји оцени дека станува збор за историски момент во односите меѓу Кина и САД. Според него, двајцата лидери воделе отворени, темелни и конструктивни разговори за иднината на билатералните односи, светскиот мир и глобалниот развој.

Како што соопшти кинеското МНР, Ванг Ји истакна дека и Кина и САД се наоѓаат во клучна фаза од својот развој. Кина започнува нов петгодишен план за економски и општествен развој, додека САД годинава одбележуваат 250 години од независноста. Тој нагласи дека двете држави можат истовремено да ги остварат своите национални цели и да придонесат за светската стабилност.

Најзначајниот резултат од самитот е договорот за градење „конструктивни кинеско-американски односи на стратешка стабилност“. Според кинеската страна, тоа подразбира соработка наместо судири, здрава конкуренција без создавање односи во кои едната страна добива на сметка на другата, како и предвидливи и стабилни односи без нагли тензии.

Двајцата претседатели се согласиле да ја зајакнат комуникацијата преку редовни средби, телефонски разговори и писмена размена. На покана на Трамп, Шји Џинпинг ќе ги посети САД наесен. Планирано е продлабочување на соработката во дипломатијата, економијата, трговијата, одбраната, земјоделството, здравството, туризмот и културната размена.

Во економската сфера е постигнат напредок околу намалувањето на трговските тензии. Двете страни договориле формирање тела за трговија и инвестиции, подобар пристап на земјоделските производи до пазарите и проширување на меѓусебната трговија преку заемно намалување на царините.

Посебен акцент бил ставен и на размената меѓу младите. Кинескиот претседател најавил иницијатива за прием на 50.000 американски студенти и млади во Кина во следните пет години. Трамп, пак, повторил дека кинеските студенти се добредојдени во САД. Според Ванг Ји, ваквите контакти ќе придонесат за подобро меѓусебно разбирање.

На самитот било разговарано и за Тајван. Кинеската страна повторила дека прашањето за Тајван е внатрешна работа на Кина и дека независноста на островот е неприфатлива. Ванг Ји изјави дека Вашингтон покажал разбирање за кинеските ставови и дека двете страни ја поддржуваат стабилноста во Тајванскиот Теснец.

Лидерите разговарале и за меѓународните кризи, вклучително и состојбите на Блискиот Исток и во Украина. Кина повикала на продолжување на дијалогот меѓу САД и Иран и на трајно примирје во регионот. Во врска со Украина, и Пекинг и Вашингтон ја истакнале потребата од политичко решение и продолжување на мировните напори.

На крајот, Ванг Ји порача дека Кина е подготвена заедно со САД да работи на долгорочна стабилност, мир и развој, оценувајќи дека односите меѓу двете најголеми светски сили имаат директно влијание врз глобалната безбедност и економија.

ИЗДВОЕНИ