Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со претставници од МВР – Одделението за превенција, полициските станици Кисела Вода и Драчево, претседателот на Советот, советниците, директорите на основните училишта, претставниците на советите на родители и наставници, како и општинската администрација, викендов, во вечерните часови, реализираше заеднички превентивни активности преку проектот „Соседска патрола“.
Во петокот и саботата, заеднички беа посетени локациите во непосредна близина на училиштата, парковите, спортските игралишта и местата за кои граѓаните имаат потенцирано дека навечер најчесто се собираат младите.

Целта на овие активности не беше санкционирање, туку пред сè разговор, советување и превенција. Преку директни и непосредни разговори со младите, им беше укажано на важноста од одговорно однесување во јавниот простор, меѓусебното почитување и зачувувањето на јавниот ред и мир.
Посебен акцент беше ставен на ризиците од меѓуврсничкото насилство, злоупотребата на алкохол и другите штетни навики кои водат кон девијантни појави.
– Безбедна општина се гради со партнерство, доверба и постојана комуникација меѓу институциите, училиштата, родителите и граѓаните. Сите сме насочени кон унапредување на јавната безбедност, а нашата цел преку овие средби е превентивно да делуваме и да разговараме со младите. Ќе продолжиме и понатаму со вакви активности, затоа што наш апсолутен приоритет се безбедноста, сигурноста и здравото растење на нашите деца и млади. Заедно градиме побезбедна, похумана и поодговорна Кисела Вода – изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.












