Старите гранати од Првата светска војна и натаму претставуваат сериозна опасност и им задаваат работа на пиротехничарите на Дирекцијата за заштита и спасување. И повеќе од еден век по завршувањето на Големата војна, неексплодирани убојни средства сè уште се откриваат низ различни делови од државата, особено во регионите кои биле зафатени од жестоки борби. Само во изминатите денови беа реализирани две сложени интервенции за безбедно отстранување на опасни артилериски гранати.

Викендов, на брегот на Дојранското Езеро, во песокот, беше пронајдена неексплодирана артилериска граната со калибар од 100 милиметри, тешка 13,6 килограми. Пиротехничарот на Дирекцијата за заштита и спасување, Зоран Пејев, успешно и безбедно ја отстранил гранатата. Од Дирекцијата информираат дека станува збор за граната од Првата светска војна, наменета за хаубица М14. Според нивните податоци, вакви неексплодирани убојни средства најчесто се пронаоѓаат во Дојранскиот, Гевгелискиот, Битолскиот и Охридскиот Регион, каде што и денес се чувствуваат последиците од воените дејства што се воделе пред повеќе од еден век.

Само неколку дена претходно, пиротехничарите на ДЗС реализираа уште една сложена интервенција, овој пат во атарот на селото Пепелиште, општина Неготино. Таму беше пронајдена неексплодирана артилериска граната со калибар од 155 милиметри, тешка околу 45 килограми, која исто така потекнува од Првата светска војна. Поради непристапниот терен и фактот што гранатата се наоѓала во коритото на реката Вардар, интервенцијата била особено сложена. Со логистичка поддршка од Територијалната противпожарна единица од Неготино, која обезбедила чамец за пристап до локацијата, пиротехничарот Ѓорѓи Стефанов безбедно ја извлекол гранатата. Таа потоа била транспортирана и обезбедена до нејзиното конечно уништување на Армискиот полигон „Криволак“.

ИЗДВОЕНИ