Поранешниот директор на Google за доверба и безбедност, Том Сигел, денес предупреди дека вештачката интелигенција би можела да биде поштетна за децата отколку социјалните мрежи.
„Се наоѓаме во навистина сериозна ситуација во однос на влијанието на вештачката интелигенција врз децата. Идејата дека индустријата сама ќе го реши ова без надворешна помош е нереална“, изјави Сигел за Ројтерс.
Според него, големите компании што развиваат вештачка интелигенција моментално воведуваат функции наменети за деца без да воспостават соодветни заштитни механизми.
Тој истакна дека компаниите би можеле да преземат чекори за подобра заштита на младите, посочувајќи на ризици кои се движат од самоубиство и психоза до таканареченото „когнитивно растеретување“ – односно опаѓање на способноста за критичко размислување предизвикано од потпирањето врз вештачката интелигенција за добивање одговори.
На барање да ги коментираат изјавите на Сигел, од Google наведоа дека родителите имаат на располагање контроли со кои можат целосно да го оневозможат пристапот на детето до пребарувачот.
„Нашите функции за пребарување засновани на вештачка интелигенција нудат исклучително корисен начин за децата и тинејџерите да учат, истражуваат и да ги разбираат информациите и светот околу себе“, истакнаа од Google.












