Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски кој учествуваше на отворањето на „Микробалкан `26“, како дел од процесите на дигитална трансформација ги посочи дигиталниот идентитет, електронските документи, доверливите услуги и зајакнувањето на кибербезбедноста.
Тој истакна дека Министерството за дигитална трансформација веќе работи на повеќе процеси насочени кон унапредување на дигиталната инфраструктура.
Меѓу нив е националниот портал uslugi.gov.mk, кој во моментов нуди околу 350 електронски услуги за граѓаните и за компаниите.
Како што наведе Андоновски, зајакната е и интероперабилноста меѓу институциите – од 48 институции во 2024 година на 90 денес, додека месечниот број трансакции пораснал од околу 708.000 на речиси 4 милиони.
Министерот најави и отворање на интероперабилноста кон приватниот сектор, што, според него, треба да овозможи побрзи проверки, намалување на административниот товар и поефикасни услуги.
Во октомври, пак, треба да биде промовирана m.Uslugi, мобилна суперапликација што треба да стане дигитален канал меѓу граѓаните и државата.
– Дигиталната трансформација и финансиската иновација мора да се движат заедно – порача Андоновски, додавајќи дека финансиската инклузија, дигиталната инфраструктура и довербата се основа за побрз, посигурен и покорисен финансиски систем за граѓаните, компаниите и за економијата.












