Автомат на бензинска пумпа во Лажани не ги препознава новите банкноти од 2.000 денари, иако тие се официјално пуштени во оптек уште во 2025 година. Од Народната банка велат дека проблемот не е во банкнотите, туку во потребата од софтверско прилагодување на опремата.

Банкнота од 2.000 денари (стара) која автоматот ја прима 

Воведувањето нови изданија на книжни пари, иако не претставува промена во нивната важност или автентичност, може да предизвика оперативни проблеми кај трговците доколку техничката опрема навремено не се усогласи со новите серии издадени банкноти. Таков проблем деновиве пријавија од бензиската пумпа ИБМ Петрол во Лажани од каде деновиве јавно ги информираа своите клиенти дека нивниот автомат за наплата не ги препознава новите банкноти од 2.000 денари, иако тие се целосно валидни и официјално пуштени во оптек од Народната банка.

Во известувањето до клиентите, од ИБМ Петрол појаснуваат дека во оптек се пуштени нови банкноти од 2.000 денари кои имаат одредени визуелни разлики во однос на претходното издание. Оттаму посочуваат дека најзабележлива е заштитната лента, која изгледа поинаку од онаа кај постарите банкноти. Поради тоа, потенцираат оттаму, автоматот на бензинската пумпа моментално не ги препознава новите банкноти, па од клиентите бараат внимателност при користењето на апаратот.

Има реакции и од граѓани. Мунир Хаџиу, смета дека товарот не треба да падне врз потрошувачите.

– Како ние самите да ги произведуваме банкнотите, па да одлучуваме кои ќе ги користиме. Ова не е проблем на граѓаните, туку на институциите. Народната банка пушта пари во оптек, а ние ги користиме оние што ни ги даваат банките –  изјави Хаџиу.

Дали станува збор за изолиран случај, или пак, со слични предизвици се соочуваат и други трговски објекти, бензински пумпи, автомати за наплата и компании кои користат опрема за автоматска обработка на готовина? Прашавме во Народната банка и оттаму за весникот ВЕЧЕР одговорија дека новото издание на банкнотата од 2.000 денари е пуштено во оптек врз основа на одлука донесена на 31 јули 2025 година и носи ознака на печатење „Скопје, мај 2025 година“.

Според централната банка, не се направени измени во основните белези на банкнотата, а таа е издадена согласно постојните законски и подзаконски акти што ја регулираат оваа област. Оттаму нагласуваат дека заштитната нишка, која е меѓу највидливите разлики што ги забележуваат граѓаните, е фабрички вграден елемент во хартијата уште при нејзиното производство.

– Станува збор за идентична заштитна нишка со исти електромагнетни својства како и кај претходните изданија на банкнотата од 2.000 денари, што значи дека таа не влијае врз начинот на нејзиното препознавање – велат од Народната банка.

Оттаму додаваат дека доколку кај автоматите и машините за обработка на пари се појават неправилности во функционирањето, потребно е деловните субјекти, во соработка со производителите или сервисерите на опремата, да извршат софтверско ажурирање и прилагодување на системите.

Како и да е, овој случај покажува дека клучна е координацијата помеѓу финансиските институции, производителите на опрема и трговците за да се избегнат вакви ситуации и дополнителни непријатности за граѓаните.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ