Макс Верстапен им стави крај на сите шпекулации за својата иднина и потпиша нов договор со Ред бул, според кој ќе остане во неговите редови до крајот на 2030 година. Четирикратниот светски шампион имаше важечки договор до 2028 година, но во изминатиот период неговото име постојано се поврзуваше со Мерцедес и со Мекларен. Особено внимание привлече клаузулата во договорот што можеше да му овозможи да го напушти Ред бул на крајот од актуелната сезона.

Самото негово однесување дополнително ги разгоре шпекулациите откако навести дека новите правила во Формула 1 би можеле да влијаат и врз неговата одлука дали да продолжи да се натпреварува. Сепак, сега им стави точка на сите дилеми и реши да остане во тимот со кој ја постигна најголемата слава.

  • Ги имаме најдобрите луѓе и возбуден сум што ќе продолжам да соработувам за да се вратам на врвот. Тоа е крајната цел за сите нас – порача Верстапен, додавајќи дека Ред бул за него е како второ семејство.

Верстапен пристигна во Ред бул во 2016 година откако ја започна кариерата во Формула 1 со сестринскиот тим, Торо Росо, една година претходно. Веднаш по промоцијата во Ред булм ја оствари и првата победа во кариерата, на Големата награда на Шпанија. Тогаш почна една од најголемите доминации во модерната историја на спортот. Холанѓанецот освои четири светски титули, запиша 71 победа и 131 пласман на подиумот.

Сепак, актуелната сезона е далеку потешка за Ред бул, а Верстапен нема победа уште од минатогодишната Голема награда на Абу Даби. Негов најдобар резултат сезонава е второто место, кое го освои двапати, вклучително и на последната трка во Унгарија. И покрај проблемите, тој, очигледно, верува дека Ред бул има потенцијал повторно да се врати на врвот.

Во меѓувреме, Вилијамс потврди за Алекс Албон и Карлос Саинц, а Формула 1 се враќа од летната пауза со Големата награда на Холандија, која ќе се одржи овој викенд.

ИЗДВОЕНИ