Најпознатата македонска бајка за Силјан Штркот, претходно објавена како дел од изданието „Бајки од Македонија за цела година“, оживува и во нова, посебна, илустрирана сликовница во издание на „Арс ламина – публикации“, во соработка со Здружението за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво, сине!“. Илустрациите се на Катерина Николовска, која им дава нов живот на ликот и на светот на Силјан. „Силјан Штркот“ е едно од врвните остварувања на македонската народна проза, во кое се испреплетуваат реалното и фантастичното, а приказната за Силјан отвора теми за растењето, одговорноста, семејството, непослушноста и за последиците од сопствените избори. Во ова дело јасно се препознава и големината на Марко Цепенков како раскажувач. Oд новата учебна година, изборот бајки од Македонија влегува во наставната програма за основно образование и станува дел од редовните лектири за четврто одделение.
– Нашата заложба е да продолжи да живее македонското книжевно и културно наследство и да биде достапно за новите генерации. Затоа особено нè радува што „Силјан Штркот“ добива нова форма, приспособена на најмладите читатели. Ние ќе продолжиме да создаваме и со иста посветеност ќе бараме нови можности за македонската креативност – нагласи Ангелка Пеева-Лауренчиќ од Управниот одбор на Движењето „Иво Лауренчиќ“ – „Браво, сине!“
Бранка Бугариска, директорка на издаваштво во „Арс ламина“, посочи дека „Силјан Штркот“ е една од оние приказни со кои треба да расте секое дете.
– Со објавувањето на оваа сликовница, ја продолжуваме нашата долгогодишна мисија да го доближиме книжевното наследство до новите генерации читатели, на јазик и во форма што ќе им бидат блиски, без да се загуби вредноста на оригиналното дело. Токму затоа особено нè радува што „Силјан Штркот“ сега „одлетува“ од големата книга „Бајки од Македонија за цела година“ и добива свое самостојно издание, наменето за најмладите читатели – истакна Бугариска.












