Со молитви, вера и големо народно собирање, селото Зубовце денеска го одбележа празникот Света великомаченичка Марина – Марена, ден кој традиционално има посебно значење за жителите на ова гостиварско село.

Во храмот „Света Огнена Марина“ се одржа свечена богослужба, а посебен момент на празнувањето беше пречекот на Светиот Крст пристигнат од Ерусалим, кој за верниците претставува голем духовен благослов и чест за храмот и селото. Крстот е дар за Црквата „Св. Огнена Марина“од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Еврејската заедница во Р. Македонија.

На свечениот чин присуствуваа поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, свештенослужители, како и голем број верници од Зубовце и околните места.

Празничната атмосфера го исполни храмот и селото со пораки за вера, единство и почитување на традицијата која со години ги собира Зубовчани, без разлика каде живеат.

За жителите на Зубовце, Марена не е само црковен празник, туку ден кога се враќаат корените, се собира роднината и пријателите, а селото повторно оживува со духот на заедништвото. Празникот Света Огнена Марија – Марена традиционално се празнува на 30 јули и има длабоки корени во локалната традиција.

Годинешното чествување ќе остане запаметено по свечениот пречек на крстот благословен во Светата Земја, настан кој за верниците претставува силен духовен симбол и посебен момент во историјата на храмот „Света Огнена Марина“.

Од Зубовце денеска испратија порака дека верата, традицијата и љубовта кон родниот крај продолжуваат да ги обединуваат луѓето и да ги чуваат старите обичаи за идните генерации.

Дар за Црквата „Св. Огнена Марина“ во с. Зубовце од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Еврејската заедница во Р. Македонија.

ИЗДВОЕНИ