четврток, јули 30, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Копјата повторно се кршат околу државната каса, повеќе инвестиции или нови долгови...

Копјата повторно се кршат околу државната каса, повеќе инвестиции или нови долгови и повисок дефицит?

За власта, ребалансот е развоен документ што ќе донесе нови инвестиции, инфраструктурни проекти и економски пораст, додека опозицијата предупредува дека зад зголемените расходи се кријат нови задолжувања и повисок буџетски дефицит

4

Ребалансот на Буџетот за 2026 година отвори нов судир меѓу власта и опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ уверуваат дека станува збор за развоен документ кој ќе обезбеди повеќе капитални инвестиции и инфраструктурни проекти, додека СДСМ предупредува дека со него се зголемуваат буџетскиот дефицит и јавниот долг. Навремено и флексибилно приспособување кон тековните економски движења и потребите на граѓаните, општините и реалниот сектор – вака владејачката структура го оценува ребалансот на Буџетот за 2026 година. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека документот не е реакција на криза, туку мерка насочена кон одржување на економскиот развој, додека СДСМ смета дека со него Владата признава погрешно планирање и ја зголемува задолженоста на државата.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, истакна дека приходите се зголемуваат врз основа на реални економски показатели, а не на нереални проекции, при што дополнителниот фискален простор е насочен кон инвестиции со долгорочен ефект.

„Вкупните приходи се зголемуваат за 4 милијарди и 575 милиони денари, односно за 1,2 проценти, и достигнуваат 379,5 милијарди денари. Вкупните расходи се зголемуваат за 11,6 милијарди денари или 2,8 проценти. Да, дефицитот се зголемува и изнесува 4,1 процент од БДП. Но клучно прашање не е само колкав е дефицитот, туку за што се користи дополнителниот фискален простор“, рече Стојаноски.

Според него, фокусот на ребалансот е ставен на капиталните инвестиции и развојните потпрограми.

Стојаноски истакна дека приходите се зголемуваат врз основа на реални економски показатели, а дополнителниот фискален простор е насочен кон капитални инвестиции. Според него, капиталните расходи се зголемуваат за 14,5 проценти и ќе бидат наменети за патишта, железница, водоводи, канализации, училишта, здравствени објекти и локална инфраструктура.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека ребалансот претставува развоен документ кој обезбедува дополнителни средства за реализација на приоритетните проекти.

„Ова не е кризен, туку развоен ребаланс. Со него обезбедуваме повеќе средства за капитални инвестиции, поддршка за земјоделството, образованието, здравството и локалниот развој, при што јавните финансии остануваат стабилни“, изјави Димитриеска-Кочоска.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека ребалансот треба да се оценува според проектите што ќе се реализираат, а не само според висината на буџетскиот дефицит.

„Кога опозицијата ќе зборува само за една бројка, ние ќе зборуваме за целата слика – за структурата на расходите, за проектите и за придобивките што ќе ги почувствуваат граѓаните. Ребалансот треба да се оценува според тоа што ќе се изгради и што ќе се подобри со него“, порача Стојаноски.

Од друга страна, СДСМ оценува дека ребалансот е признание за неуспешното економско планирање на Владата. Од партијата предупредуваат дека расходите растат значително побрзо од приходите, што ќе резултира со повисок буџетски дефицит и ново задолжување.

Потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, изјави дека предложениот ребаланс не нуди развојни решенија, туку отвора простор за дополнителни долгови.

„Ребалансот не е развоен документ, туку признание дека Владата не успеала да ги реализира сопствените економски проекции. Наместо подобри политики, граѓаните ќе добијат повисок дефицит, нови задолжувања и дополнителен товар врз јавните финансии“, рече Лукаревска.

Од СДСМ најавуваат дека ќе поднесат амандмани на ребалансот, со цел, како што велат, да се обезбедат повеќе средства за мерки што директно ќе го подобрат животниот стандард на граѓаните и ќе дадат поголема поддршка на стопанството.

Ребалансот на Буџетот за 2026 година е во собраниска процедура, каде што пратениците ќе расправаат по предложените измени и по амандманите поднесени од опозицијата.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ