„Незамисливо е без буџет да се направи филм. Но, тука се поставуваат неколку прашања: кога парите стануваат поважни од уметноста и кои се тие минимални средства што ќе ни овозможат да направиме уметнички, авторски, филм? Режисерската визија, во комбинација со талентот и мудроста, може да изроди уметност и со мал буџет. Но, дали ќе работиш и кога би немал илјадници евра на располагање, или ќе чекаш додека не ги добиеш, и дали ќе се бавиш со пропаганда или со уметност, зависи исклучиво од твојот личен избор“, вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР македонската актерка Синоличка Трпкова, лауреат на фестивалот „Астерфест“, која деновиве е актуелна и како дел од екипата на филмот „Железна тврдина”, што се прикажа на „Бич филм фестивалот“ во Охрид
Синоличка Трпкова, нашата врвна актерка и долгогодишна професорка на ФДУ е годинашниот лауреат на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, што од 4 до 8 август по 21. пат ќе се одржи во Струмица. На Трпкова, највисокото признание „Астер“ од фестивалот ѝ е доделено за највисоки достигнувања во македонскиот, балканскиот и во светскиот филм, односно за нејзиниот долгогодишен особен ангажман во полето на седмата уметност и сродните медиуми, независните продукции и образовната сфера, како во Македонија, Југоисточна Европа, така и пошироко. За признанието, кое ќе ѝ биде врачено на свеченото отворање на фестивалот на 4 август, актерката вели дека претставува доверба и одговорност, но и првата награда што ја добила дома, по три децении творење.
Во македонската јавност е најпозната по улоги, реализирани доминантно на филм и на телевизија, меѓу кои во остварувањата „Бушава азбука“, „Среќна Нова ‘49“, „Дом за бесење“, „Тетовирање“, „Во светот на бајките“, „Џипси меџик“, „Збогум на 20 век“… Но филмската и ТВ-листа е долга и вклучува и меѓународни наслови. Родена во 1965 година во Скопје, по завршувањето на Академијата за драмски уметности во Скопје, била ангажирана во ансамблот на Драмата на Македонскиот народен театар од 1989 до 1991 година. Учествува и во независни театарски проекти. По нејзината, како што вели самата, кратка и експлозивна филмска кариера, долги години работи како професор по предметот Филмска, телевизиска и радиоигра на ФДУ во Скопје.
Актерката, деновиве, е актуелна и по хибридниот играно-документарен филм „Железна тврдина” на режисерот Митко Панов, кој се прикажа на 8. „Бич филм фестивал“ во Охрид. За филмот, снимен во Психијатриската болница во Демир Хисар, каде што таа толкува поголема улога, вели дека е за нештата од кои упорно бегаме и пред кои ги затвораме очите, а кои единствено можат да ни го допрат срцето. „Сè што животот нè тера да заборавиме, потиснуваме и да негираме, овој филм го отворa полека, суптилно и нежно, потсетувајќи нè дека на крајот од денот – сите сме обични луѓе. Мојата улога во филмот е фиктивна и за прв пат играм таков, би рекла за мене – негативен лик, којшто е еден вид стереотип на човек преку кој се одржува системот. Сето останато во приказната е бескрајна убавина од човештина, заборавена и скриена во прегратките на нашата природа. Одамна немам доживеано нешто толку топло и човечно, вистинито, магично“, посочува таа.
Во разговорот за весникот ВЕЧЕР ги отвораме и прашањата за нејзините најзначајни улоги, за состојбите во македонската кинематографија, за нејзината академска дејност…
Што претставува за Вас наградата „Астер“ добиенa сега, на личен и на професионален план?
Препознавање на тоа што сум го работела со години, односно децении наназад – би бил краткиот и суштински одговор. Да бидам искрена, бев изненадена кога ми соопштија дека сум лауреат на годинашниот „Астерфест“. Дури и помислив дека е некоја грешка, зашто ретко кој ме бара за да ми даде нешто. Одамна престанав да размислувам за награди и признанија, зашто тие не се мотивот за да се опстои, туку се потврда за опстојувањето. Оттаму и мојата радост. Денес е тешко да се опстои во мала средина со една единствена професија. Станува задушно… Човек расне и се менува, а со тоа се менуваат и неговите полиња на интерес. Јас освен што сум актер, автор сум и на книги, но најважно за мене е што сум дел од образовниот процес на ФДУ. Инаку, наградите кај нас се преценети. Ние сме мала земја, а награди и признанија имаме на претек. И заради тоа паѓа и нивната вредност. „Астерфест“ е сериозен фестивал, со навистина значајни имиња – добитници на „Астер“ досега. Токму поради тоа и опстојува „Астерфест“ и го одржува нивото.
„Прва и единствено досега јавно покажана доверба во мене овде, дома, по повеќе децении моја академска, филмска и театарска дејност“, велите за наградата „Астер“. Може ли да ја коментирате изјавата и дали мислите дека домашните фестивали/институции „не сакајќи“ или „не знаејќи“, ги запоставуваат нашите истакнати уметници и професионалци?
Морав да го потенцирам тоа, зашто е вистина. Можеби домашната сцена ме запоставила, но затоа јас неа никогаш нема да ја запоставам. Присутна сум кога имам што да кажам и дадам. Потребата да се твори е независен чин од наградите. Таман работа ако животите ни се состојат во чекање и лобирање награди. Па тогаш не би биле нормални луѓе, без разлика на сè што сме создале. Човечки е да се каже вистината, а таа е дека „Астер“ е првата награда што сум ја добила дома, по три децении творење. Мојата филмска кариера беше кратка и експлозивна. Снимав филмови и надвор од Југославија и Македонија, додека републиките војуваа. Околностите не ми го овозможија луксузот да продолжам континуирано со филмската кариера по војната. Транзицијата беше време во кое некои луѓе одлично се снајдоа, а некои не. Не го сакам зборот снаоѓање, зашто ми асоцира на итроштина, а не на вистински вложено знаење и енергија. На почеток на 2000 година ја напуштив Македонија и живеев на различни места, па и континенти. И тоа придонесе за мојот интерес за други полиња. Секое патување и престојување надвор, е како полирање на умот, и можност работите да се видат и доживеат на инаков начин. Во еден дел од животот и семејството станува приоритет. Искрено, јас и никогаш не сум се почувствувала запоставено, зашто секогаш сум била на места каде сум била потребна и каде ме сакале.
Значаен и препознатлив дел сте од „Бушава азбука“, една од најгледаните детски серии во историјата на македонската телевизиска продукција. Колку нејзиниот успех ја насочи или ја одреди Вашата кариера подоцна?

Кај Унковски во оваа серија првпат добив можност да се истражувам себеси пред камерата, без ограничувања. Добар режисер прави и добра подела на актери. Во тие неколку месеци снимање во студио, уште повеќе ја засакав професијата, но и телевизијата како медиум. Тоа беше најголемиот школски опит за мене. Имав среќа што бев дел од една висококвалитетна телевизиска продукција, која и ден денес е препознатлива, и сè уште ненадмината. Во минатото, телевизијата беше страшно важен медиум и имаше голема и сериозна продукција на ТВ-филмови, серии и ТВ драми, во кои исто така играв. Денеска, за жал, нашите студенти ја немаат таа можност, зашто не постои таква продукција. Сè се сведува на шоу, забавни програми, скечови, поткасти, реклами, односно инстант производи. Со тоа не само што опаѓа медиумската образованост на публиката туку и самите актери стануваат жртви на „модерните“ времиња во кои не се издвојува ниту еден денар за создавање осмислена ТВ-продукција.
Следуваше значајна улога во „Среќна нова ‘49“, едно од најуспешните македонски филмски остварувања. Што значеше оваа улога тогаш за 21-годишната Синоличка и што претставува за Вас, од оваа перспектива денес, настапот во антологискиот филм?

Кога си млад, не си доволно свесен дека си во привилегирана состојба да бидеш дел од антологиски филмови, кои денес се белези на една историја. Исто така, во тоа време не ни можеше секој да прави филмови. За мене сè што се случуваше беше природно. И секоја улога ми отвораше пат за следната. Така, улогата на Нале во „Среќна Нова 1949“, ми ја донесе улогата на Азра во „Дом за бесење“. Азра беше пресвртница за мојата кариера од неколку аспекти. Минав низ бесценет процес на работа на филм, што го збогати моето искуство и знаење во актерската работа на овој медиум. Азра ми донесе две големи улоги што во време на војна ги работев надвор од Југославија – „Смртта на ученикот“ и „Липстик“. И конечно, ме подготви за идната долгогодишна кариера како професор по Актерска игра пред камера.
Емир Кустурица, Столе Попов, Слободан Унковски… Сте работеле со врвни режисери. Режисерот, со својата доминантна улога, го формира ликот на актерот или актерот, со своите интегритет и харизма, го гради крајниот емотивен и визуелен израз или, сепак, е тоа заедничко дело?
Сè е заемно. Сериозен режисер прави добар избор на актери за да не се мачи на снимање. Актери што одлично одговарале за улогите, но и можеле да ги сработат. Од друга страна, повторно ќе кажам дека сум имала привилегија да работам со врвни режисери, најдобрите во тоа време. Добар филм не знае за лоши актери.
Од 1985 до 2000 година се појавувавте во повеќе ТВ-серии и филмови. Што е потребно за да остане еден актер подолго присутен (квалитетот, истрајноста, неговата препознатливост…) на филмското платно или на ТВ-екраните? Дали е уште потешко ако сте актерка?
Освен квалитетот, потребно е да си професионалец. На филм, професионалноста на актерот е поважна од сè останато. Тоа значи да си секогаш подготвен, на време, фокусиран на ликот и на целиот процес на снимање. Факт е дека ретко кој филмски режисер сака да работи со постари актери, но и модерните сценарија помалку се бават со возрасни ликови. Добар пример за работа со актер во години е филмот „Исцелител“, каде што видовме одлично актерско остварување на главниот лик. Сè зависи од режисерот. Во светски рамки, актерството нема возрасна граница, туку напротив, актерот со годините станува позрел, поискусен и поинтересен. За да се види тоа, потребен е сепак режисер!
Дали се сеќавате на некоја интересна анегдота од снимањето на Вашите бројни филмови/серии?

Не знам дали знаете, но сцената на Вардар, на Ѓурѓовден, во „Дом за бесење“ е снимана во октомври. Беше студено. Ние моравме долго да седиме во реката. За да не се тресеме од студ и за да можеме да глумиме, имавме костими за нуркање од половина надолу и нуркач што ни дотураше со црево топла вода однадвор во костимот. Тоа е моќта на филмот, да се служи со лага, дури создава вистини.
Со Вашите најрани улоги сте дел од она што се нарекува „авторски филм“. Колку независните остварувања и авторските гласови може да се пробијат низ шумата од комерцијални и преплатени продукции?
Нашата средина не е многу поттикнувачка за независните продукции. Но, сè уште има партизани што сакаат да творат во шумски услови. И тоа многу ме радува. „Медена земја“ беше таква продукција, која по „Пред дождот“ ја отвори големата кинематографска врата кон светот. Тој филм е доказ дека страста и истрајноста понекогаш се посилни и поуспешни од прескапо платените продукции. Правењето филм, од друга страна, чини пари. Незамисливо е без буџет да се направи филм. Но, тука се поставуваат неколку прашања: кога парите стануваат поважни од уметноста и кои се тие минимални средства што ќе ни овозможат да направиме уметнички, авторски, филм? Мислам дека одговорот лежи повеќе кај режисерот, одошто кај продуцентот. Режисерската визија, во комбинација со талентот и мудроста, може да изроди уметност и со мал буџет. Но, дали ќе работиш и кога би немал илјадници евра на располагање, или ќе чекаш додека не ги добиеш, и дали ќе се бавиш со пропаганда или со уметност, зависи исклучиво од твојот личен избор.
Младите актери во Македонија забележуваат дека е многу тешко да се добие филмска или ТВ-улога, бидејќи, во најголем дел од случаите, не постои кастинг, туку улогите им се доделуваат, повторно и повторно, на истите (нам/вам) познати актери. Како ја коментирате оваа состојба со филмската продукција во нашата земја?
На режисерите им е полесно да работат со искусни актери и со актери со кои веќе работеле. Не им се ризикува. А токму ризикот носи успех, особено во оваа професија. Убаво е кога режисерот промовира нов актер. Така отвора нов простор за ново лице, но и самиот ја руши зоната на комфорот и станува подобар режисер.

Како го оценувате македонскиот филм? Дали се изгради македонската кинематографија како препознатлива по својата естетика, со своите теми или талка меѓу филмските фондови и локалните можности?
Важно е да не се комерцијализираме, особено не на евтин начин. Потенцијалот е огромен, но и желбата за успех е голема. Вратата е веќе отворена и светот го распознава македонскиот филмски ракопис – автентичен и кален од нашите простори и приказни. Целиот свет е во потрага по автентичен филмски исказ. Ние сме малечка земја и треба да создаваме уметност без желба да се допаѓаме.
Своите искуство и професионализам долго време ги преточувате во академската сфера. Кој е најважниот совет што им го давате на Вашите студенти? Дали релациите/контактите или талентот и харизмата се клучни за успехот на еден актер?
Сè од тоа што наброивте е важно. А најважно е да остават впечаток дека секогаш може да се смета на нив.
Што претставуваше за Вас најголем професионален предизвик?
Да не престанам да творам во Македонија.
Од филмското платно до професорското столче, може ли да откриете за нашите читатели која е Синоличка Трпкова на личен план денес?
Човек што тежнее да остави млади уметници зад себе, кои ќе ги негуваат вистинските вредности и преку своите дела ќе бидат амбасадори на нашата култура.
Наташа Илиевска-Таневски












