среда, октомври 7, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Битолскиот виш обвинител остана без пасош, Кривичниот суд му забрани да оди...

Битолскиот виш обвинител остана без пасош, Кривичниот суд му забрани да оди на работа

352

Виш јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Битола е осомничен дека ја злоупотребил својата службена положба за да влијае врз одлучувањето на колеги јавни обвинители и судии во најмалку четири предмети. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поведе постапка против него поради постоење основи на сомнение за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“ од Кривичниот законик.

Обвинителот, во изминатиот период бил следен со посебни истражни мерки, односно бил сниман. Дали пријавиле неговите колеги кај кои притискал во решавањето на предметите, од обвинителството не откриваат детали од истрагата. Иако од обвинителството не го откриваат името на осомничениот колега сепак во јавноста веќе се шпекулира со неговото име кое се поврзува со спорното враќање на пасошот на битолскиот бизнисмен Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, кој е обвинет во предметот за злоупотреби при јавна набавка во РЕК „Битола“.

Според обвинителството, во изминатиот период преку повеќе дејствија и со примена на посебни истражни мерки биле обезбедени докази кои упатуваат на сомнение дека осомничениот го користел своето реално влијание и службената положба за недозволено да влијае врз одлучувањето во кривични постапки. Станува збор за најмалку четири одделни предмети на подрачјето на кое ја вршел функцијата. Според досега утврденото, тој ургирал за изрекување пониски казни или за обезбедување поповолна процесна положба за осомничени или обвинети лица, соопштуваат од ОЈО.

Во вторникот вечерта по судска наредба, биле извршени претреси во домот на осомничениот и во просториите на Вишото јавно обвинителство Битола. Претресите биле преземени со цел обезбедување дополнителни докази во постапката. Од ОЈО не откриваат дали биле пронајдени пари кај обвинителот.

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, го прифати предлогот за определување мерки за претпазливост. На осомничениот му е одземена патната исправа и му е забрането да презема определени работни активности. Со тоа, практично е оддалечен од работното место. Против решението странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје, соопштуваат од Судот.

Случајот доаѓа извесно време по објавата дека Основното јавно обвинителство Струга се противело на враќањето на пасошот на Марковски, но од Вишото јавно обвинителство Битола било дадено позитивно мислење. По одлуката на струшкиот суд да му биде вратена патната исправа, Марковски ја напуштил државата преку граничниот премин „Табановце“. Таму бил задржан за проверки, но бил пуштен да продолжи кон Србија бидејќи немало активна мерка што би го спречила да ја напушти земјата. Подоцна било соопштено дека се вратил во државата. За овој случај тогаш реагираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој оцени дека постои „груба манипулација од локален јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство во Битола“ и дека обвинителот е „соучесник во процесот“.

Истрагата не открива дали меѓу четирите предмети врз кои влијаел обвинителот е и тој за Марковски.(П.А.)

ИЗДВОЕНИ