
Фудбалската репрезентација на Македонија со совршено негативен скор го заврши првиот дел од новото издание на Лигата на нациите. „Црвено-жолтите“ одиграа четири натпревари, запишаа четири порази, примија десет гола и не постигнаа ниту еден.
Идентично како и во Скопје, четата на Гоце Седлоски одигра под просекот на гостувањето во Швајцарија и сосема заслужено повторно беше поразена со убедливи 3:0.
Дека ситуацијата во нашиот национален тим е повеќе од алармантна, покажува прво фактот дека откако седна Седлоски на селекторското столче, Македонија доживеа шест порази и два пати одигра без победник, а уште позагрижувачка е информацијата дека на сите четири натпревари од Лигата на нациите нашиот тим упати само еден директен удар кон противничкиот гол.
Иако, Македонија нема победа повеќе од една година и нема постигнато погодок 787 минути, Седлоски, и по дуелот со Швајцарија, го повтори својот став дека не се откажува и дека ќе продолжи да се бори.
– Јас сум борец, таков бев и како играч, не се откажувам. Тажни сме сите поради оваа лоша серија, но оптимисти сме за иднината. Одигравме перфектно прво полувреме, сѐ до голот што го примивме. Во второто полувреме имавме индивидуални грешки, но Швајцарија е селекција што не проштава. Во првиот дел, моравме да ги искористиме двете шанси. За разлика од нас, видовте како знае домашниот тим да ги искористи и најмалата шанса и секој наш пропуст – изјави Седлоски.
Последните два натпревари од овој циклус на Лигата на нациите ќе бидат одиграни во ноември. Прво ќе гостуваме во Шкотска, а потоа, на домашен терен, ќе ја пречекаме селекцијата на Словенија.
Нема дилема дека и во следниот период Седлоски ќе биде главна тема на дискусија меѓу најверните навивачи, кои јасно го кажаа својот став: дека Фудбалската федерација на Македонија мора да ѝ стави крај на соработката со трофејниот стручњак, кој постојано повторува дека е тажен поради резултатите; дека е задоволен од играта на своите избраници, кои морале да имаат поголема минутажа во своите клубови; дека е борец што нема да се предаде и дека ќе го реализира најавеното подмладување на репрезентацијата.
Навивачите сигурно ќе продолжат да бараат отказ од Седлоски, но истовремено се надеваат дека ФФМ убаво ќе размисли кога е цената на билетите во прашање. Критиките се сосема оправдани, јавноста е убедена дека е премногу да се плати 500, 1.000, 1.800 или, пак, 3.000 денари за еден натпревар на кој домаќинот не упатува ниту еден директен удар кон противничкиот гол.
Исто така, челниците во ФФМ треба да сфатат дека сите навивачи не користат услуга на една компанија преку која следувал попуст од 35% за купен билет. Тамам, има еден месец до следниот домашен натпревар, што е доволно време за добра организација, која ќе резултира со нормални цени на билетите и со поволности за најмладите и за навивачките групи. За крај, што друго ни останува, освен да се надеваме дека Македонија ќе ѝ стави крај на долгата серија без победа и погодок, дека репрезентативците ќе упатат директен удар кон противничкиот гол и дека селекторот ќе им стави крај на истите фрази дека е борец и дека треба да бидат упатени критиките на негова адреса.











