недела, јули 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Жештините го разгоруваат ризикот, секој ден нови жаришта! 

Жештините го разгоруваат ризикот, секој ден нови жаришта! 

13
За едно деноноќие избувнаа 17 пожари

Иако сите жаришта заклучно со денеска беа локализирани или изгаснати, високите температури и сушата ја држат земјава во постојана опасност. Надлежните апелираат за максимална внимателност, а Дирекцијата за заштита и спасување најавува нови пилоти и проширување на воздушната флота за справување со пожарите.

Во текот на едно деноноќие овој викенд, на територијата на државава се регистрирани вкупно 17 пожари на отворен простор, од кои еден е ставен под контрола, а 16 се целосно изгаснати, соопшти вчера Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според информациите на ЦУК, под контрола е пожарот во Општина Македонски Брод, во атарот на селото Белица, каде што биле зафатени борова шума и ниска вегетација.

Изгаснати се пожарите во Општина Ѓорче Петров кај селото Кучково, во Велес кај селото Црквино, во Неготино кај селото Црвени Брегови и во Богданци кај селото Стојаково, каде што горела претежно ниска и деградирана вегетација.

Изгаснати се пожари и во Струмица кај селото Добрејци, во Босилово кај селото Босилово, како и во Општина Василево, на потегот меѓу селата Чанаклија и Ѓечерлија, каде што биле зафатени депонија и ниска вегетација.

ЦУК информира дека се локализирани и изгаснати и пожарите кај манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, кај прилепското село Царевиќ, во селото Нов Караорман во Општина Карбинци, како и во штипската населба Баби, до месноста Мирјанина Црква.

Меѓу изгаснатите се и пожарите во Берово кај селото Смојмирово, во Бутел на Љуботенски пат, во Куманово на улицата „11 Ноември“, во Општина Брвеница кај селото Милетино и во Општина Кривогаштани кај селото Воѓани, каде што гореле депонија и ниска вегетација.

Од Центарот за управување со кризи посочуваат дека континуирано се следи состојбата со пожарите и апелираат до граѓаните за внимателно однесување на отворен простор, со цел спречување појава на нови пожари.

Струмичките пожарникари апелираат да не се палат депониите, затоа што пожарите се последица на човечка несовесност. Од ТППЕ Струмица појаснуваат дека во изминативе денови пожарникарите интервенирале при гаснење на пожарите на депониите во Добрашинци и во Гечерлија.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, пак, најави дека се чека ребалансот на буџетот за да се примат уште двајца пилоти.

– Договорен сум за прием на уште двајца пилоти, треба да бидат примени веднаш штом Министерството за финансии ќе ни даде согласност. Штом ќе ги примам, пилотите ќе бидат пратени на обука во октомври-ноември. Едниот е помлад и понеискусен, а другиот е класа пилот, кој има многу летови со авиони, но и со хеликоптери – изјави Ангелов во телевизиско гостување.

Тој ја искористи можноста и ги повика сите пилоти што имаат над 400 часа летање, со кој било тип авион, да дојдат и да поразговараат.

Воедно, посочи дека негова цел е набавка на уште три „ер трактори“, меѓу кои и еден двосед, за, како што вели, да можат самостојно да ја работат обуката.

– Со приемот во работен однос на пензионираниот полковник Малезански, но и со ангажманот на Васко Михалчов, кој е еден од пензионираните херои пилоти, ние имаме добра основа и самите да вршиме обука во наредниот период, бидејќи двајцата се извонредни, а Малезански дури е и пробен пилот, нешто што е врв во авијацијата – рече Ангелов.

Сезоната на пожари годинава почна порано од вообичаеното, поради високите температури, сушата и засилениот ветер, што во повеќе наврати доведе до активирање на десетици пожари на отворен простор во земјава. Во изминатите недели, најкритично беше во источниот, југоисточниот и во централниот дел од државата, каде што гореа шуми, нискостеблеста вегетација, пасишта и земјоделски површини. Во гаснењето, покрај пожарникарите, беа ангажирани и припадниците на Армијата, полицијата, вработените во јавните претпријатија, доброволните противпожарни друштва и месното население, а во неколку наврати интервенираа и воздухопловите на Дирекцијата за заштита и спасување.

Надлежните институции континуирано предупредуваат дека најголем дел од пожарите се последица на човечки фактор: палење стрништа, несовесно фрлање догорчиња или непочитување на забраните за движење и палење оган во шума. Поради тоа, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување постојано апелираат граѓаните да бидат особено внимателни, бидејќи и најмало невнимание во услови на екстремно високи температури може да предизвика пожар со сериозни последици. Истовремено, институциите работат на зајакнување на противпожарните капацитети преку прием на нови пилоти, модернизација на опремата и планови за набавка на дополнителни „ер трактори“ за побрза и поефикасна интервенција.

ИЗДВОЕНИ