Скопските велосипедисти упатуваат порака, штом се вложува толку многу во проектот за БРТ и булеварите целосно се реконструираат, секаде каде што има можност да се зголеми квалитетот и квантитетот на пешачките и велосипедските површини, или во најмала рака да останат исти, а не да се намалуваат. Во спротивност, сметаат дека решението е неприфатливо, неодржливо и не му служи правилно на БРТ
Скопските велосипедисти реагираат на тоа дека БРТ ќе се реализира без јавноста да има можност да види проект пред тој да се изведе. Коментираат дека концептот кој, како што нагласуваат, е единствено „презентиран“ преку мала сликичка во јавноста, е прилично проблематичен за велосипедскиот сообраќај затоа што со него тој целосно се игнорира и сметаат дека јавниот превоз не може да се развива ако не се унапредуваат пешачката и велосипедската инфраструктура.
Тие упатуваат порака, штом се вложува толку многу во проектот за БРТ и булеварите целосно се реконструираат, секаде каде што има можност да се зголеми квалитетот и квантитетот на пешачките и велосипедските површини, или во најмала рака да останат исти, а не да се намалуваат.
Во спротивност, сметаат дека решението е неприфатливо, неодржливо и не му служи правилно на БРТ.
Прашуваат: Кој е концептот на оваа сликичка, за типичен булевар како „Партизански одреди“ или „Јане Сандански“, по кои минува првата БРТ-линија, според нашето разбирање? и бараат поточно официјално толкување.
За нив, прашањата кои се отвораат се: Дали ќе има и каде ќе бидат велосипедските патеки на овие главни булевари? Дали ќе се одзема од жардиниерите покрај пешачките патеки или ќе се одзема од пешачките патеки? Aко толку се доближат автомобилите до жардиниерите, дали не ризикуваме да се изгуби пријатноста и на пешачењето и на возењето велосипед? Ако велосипедските патеки одземаат од пешачкиот простор, дали со тоа не ризикуваме намалување на удобноста на пешачењето на овие потези? И дали вакви измени можат да бидат дел од концепт за одржлив сообраќај?
Велат дека имаат и многу повеќе прашања и предлози за проектот, за самите постојки, за крајните станици, за комбинирањето превоз, за пешачките премини итн., но за жал, како што наведуваат, немаат ниту презентиран проект ниту официјален канал да ги достават своите, а сметаат дека е, веројатно, веќе доцна.
Сметаат дека вакво исклучување на јавноста од проект кој целосно ќе го измени изгледот и функционирањето на градот, не е соодветно за 21. век.
– Град Скопје најави дека во наредниов период ќе го распише тендерот за проектирање и изградба на трасата за Брзиот автобуски превоз (БРТ). Бидејќи се спомнуваат проектирање и изградба во еден пакет, претпоставуваме дека ова значи дека тие ќе одат паралелно делница по делница, како за автопатите, без јавноста да има можност да види проект пред да се изведе – коментираат од „На точак“, нагласувајќи дека полесно може да се најде документација и да се дадат коментари за проекти за јавни простори и улици за некои европски градови отколку за нашиот град.
Наведуваат дека ова е, пред сѐ, недостаток за самиот проект, затоа што се засегнати многу кориснички групи (пешаци, велосипедисти, тротинетџии, лица со посебни потреби, возрасни граѓани, мажи, жени, жители од различни места со различни проблеми, дневни „комјутери“ и посетители корисници на јавен превоз итн.) кои, како што велат, ако се правилно и стручно вклучени и водени од лицата кои го водат проектот, можат да дадат придонес за негово подобрување пред да почне да се гради, наместо да наоѓаат забелешки отпосле.
Воедно, велосипедистите се сомневаат во тоа дека јавноста допрва ќе учествува во вака битен проект.
(А. П.)












