Вечер на унгарската култура ќе се одржи вечерва (7 август) од 19:30 часот, на платото пред ЦК „Марко Цепенков“. Се работи за традиционална вечер на која се презентираат унгарските музика, фолкор и традиција, а Центарот за култура ја реализира во соработка со Здружението на Унгарците во Македонија. Ќе настапат оркестарот „Рожафа“ и ФА „Коња“.
Оркестарот „Рожафа“ постои од 2024 година, а го сочинуваат млади музичари од Сента и нејзината околина. Од почетокот на 2025, оркестарот „Рожафа“, заедно со своите ментори Ѓула Јухас и Ласло Штербик, е постојан придружен оркестар на танцовите групи. Членовите на оркестарот сметаат дека е исклучително важно да ги запознаваат, изучуваат и претставуваат народните песни од различните етнографски области на Карпатскиот Басен.
Фолклорниот ансамбл „Коња“ од Бачка Фекетиќ, пак, постои од 1996 година. Членовите на ансамблот се средношколци и студенти за кои унгарските народни танци и народната музика претставуваат важен дел од нивниот живот.
Ансамблот ќе се претстави со кореографии од повеќе етнографски области, меѓу кои: Тјукод во регионот Сатмар, Туркеве во Куншаг, како и танци од Трансилванија, од областа на реката Кикјиле, Калотасег и Мезешег. Раководители на ансамблот и кореографи се Николет Сакал и Тамаш Сакач.












