Во насока на обезбедување на квалитетен и функционален јавен простор кој ќе стои на располагање на сите генерации, Општина Кисела Вода континуирано работи на санација и реконструкција на урбаната опрема и на опремата во детските катчиња на целата своја територија.
-Следејќи ја реалната состојба и мапираните потреби, општинските служби интервенираат на повеќе локации. Имено, во населбата Расадник, во непосредна близина на градинката, извршена е санација на детското игралиште. На спортскиот терен кај подрачното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ поставени се нови кошаркарски обрачи со мрежички, нови канти за отпад, а во моментов активно се работи на санација на клупите – соопштија од Општина Кисела Вода.
Оттаму додаваат дека активности за обнова се спроведеле и во паркот „Иднина“, каде целосно биле санирани оштетените клупи и лулашки, а биле поставени и нови канти за отпадоци. Интервенции на урбаната опрема, поправка на клупите и поставување на канти биле реализирани и кај последната автобуска постојка на линијата 24, во парк „Македонија“, како и во парк „Дупки“, во населбата Драчево. Дополнително, на улица „Пушкинова“ биле поставени нови канти за отпадоци.
-Овие интервенции се од исклучителна важност за сите наши жители. Примарната цел е да обезбедиме безбедни, модерни и функционални катчиња каде најмладите безгрижно ќе играат, младите ќе спортуваат, а повозрасните ќе имаат пријатно место за одмор. Вложувањето во јавниот простор е директно вложување во квалитетот на животот – истакна градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.
Таа упати апел до граѓаните за совесно и одговорно однесување кон јавното добро, да не се уништуваат и кршат детските реквизити и клупите, и отпадот да се одложува исклучиво на соодветните места за таа намена.
– Само со меѓусебна почит и домаќински однос кон јавните површини ќе придонесеме нашата општина да остане чисто, убаво и безбедно место за живеење-изјави Стаменкоска – Трајкоска.












