понеделник, јуни 15, 2026
Дома КОЛУМНИ Вечен спомен на гласот што ја обединуваше Македонија: Со песната до вечноста...

Вечен спомен на гласот што ја обединуваше Македонија: Со песната до вечноста – 25 години без Васка Илиева

1705

На 4 мај 2001 година, во својот стан во населбата Аеродром во Скопје, почина Васка Илиева, најпознатата интерпретаторка на македонски народни песни, жива легенда, со 50 години присуство на музичка сцена. Починала, како што кажуваа нејзините блиски, подготвувајќи се да оди во Македонската радио-телевизија, да пее за Гоце Делчев. Васка ги сакаше песните за Гоцета, на неколку и самата ги има напишано и текстот и мелодијата. Се оствари нејзиното пророштво кажувано повеќепати: „Ќе пеам додека живеам“.

Споменот за Васка Илиева не е избледен и денес, по 25 години од нејзиното заминување. Нејзиниот лик е присутен на медиумите, нејзиниот глас и натаму се разлева од радиостаниците, телевизиите, разните портали, социјалните мрежи итн.

Васка е родена во Скопје, во населбата Чаир, на 21 декември, 1923 година, во познато музичко семејство. Мајка ѝ Доца убаво пеела, а татко и, Тодор Бошков, долги години бил кавалџија и гајдаџија во „Танец“. Вујковците, исто така, биле познати музиканти и пејачи, а тетка ѝ Бонда Димишкова била позната пејачка на Радио Скопје, а нејзини песни се среќаваат во збирките на Живко Фирфов и на Васил Хаџиманов. Во 1950 година, на аудиција во „Танец“ со песните „Нико, Нико меанџико“, „Што имала касмет Стамена“, и „Аир да не сториш, мајко“, била примена за член на овој ансамбл. По неколку години преминала во Радио Скопје, а потоа настапувала како слободен уметник. Десетина години настапувала за Белградската естрада со тогаш најпопуларните југословенски пејачи: Предраг Гојковиќ-Цуне, Нада Мамула, Сафет Исовиќ, Драган Тозовац и др.  „Секој од нас пееше на својот мајчин јазик. Јас не испеав ниту една српска песна. Едноставно, ја популаризирав македонската народна песна“.

Од каде толкава и толку долго одржувана популарност на Васка Илиева? Од каде постојани покани за концерти, полни сали, бурни аплаузи, писма полни со егзалтации  во текот на целиот нејзин живот? Оттаму што Васка секогаш и од сè срце приоѓала кон својата песна, но и кон својата публика. Пеела подеднакво искрено и пред селани (качена на тракторска приколка како бина), но и пред граѓани во концертни сали, и пред богати и пред сиромаси, од обични седенки, меѓу работниците во фабричките хали, до концерти во најголемите европски концертни подиуми. Во живо сеќавање до крајот на животот ѝ беа настапите во повеќето села низ цела Македонија, низ егејскиот и пиринскиот дел, настапот во лондонскиот „Алберт хол“ пред англиската кралица Елизабета и тогашниот премиер Черчил, пред легендарната Марија Калас од која добила искрени честитки и пофалби, настапот пред Јосип Броз Тито  и многу други.

„Јас никогаш не сум одбирала“, велеше Васка, „прифаќав и со задоволство одговарав како на поканите од прекуокеанските земји или на општојугословенските турнеи, така и на оние од најсиромашните и најоддалечени планински села во Македонија. Со ист жар пеев и пред големите светски авторитети и пред селаните на мариовските села. Еве, сега признавам дека поубаво ми беше на тракторот меѓу моите селани, кои искрено се радуваа и на моето доаѓање и на мојата песна“.

А кога сме веќе кај воодушевената публика, како и кај стручната критика, да го споменеме и тоа дека на нејзина адреса се искажани најласкави епитети. Таа еднаш е наречена неуморен патник, другпат жива легенда на една традиција, третпат некрунисана кралица на македонската народна песна, потоа ѕвезда најсветла или најголема ѕвезда на македонската народна песна. За неа е напишано дека е прва меѓу првите, најдобра од најдобрите, поголема од најголемите. Наречена е великан на песната кон која секогаш се однесуваат со респект, пејачка за која знаат и врапчињата, најпознат интерпретатор на македонската народна песна.

Холандскиот весник „Зелениот Амстердам“ (De groene Amserdammer), по еден повод, напиша: „Некрунисана кралица на македонската песна е Васка Илиева, навистина ништо помалку од жива легенда. Со нејзиниот сочен глас, со чист тон, а остар како нож, таа пее како што пеат селаните и селанките, т. е. не штедејќи се себеси. Би требало да се слушне како пее заедно со својот татко, славен исполнител од Македонија на гајда или со кавал. Неговата песна ’Зајко кокорајко’ ја освои цела Југославија. Тие едноставни песни што развеселуваат, човек мора да ги прифати, бидејќи постои само една Васка Илиева. Морам да признам дека за неа како поклон ја давам целата класична музика од Моцарт до Петар Шат. Со особено задоволство.“

Во еден весник од дијаспората „Ново доба“, од јули 1984, година пишува: „Овој непресушен македонски мелосен извор е македонска дарба на природата. Сите се чудат од каде толку силен глас кај Васка Илиева и во овие поодминати нејзини години. Уживање е да се слуша оваа најсветла македонска ѕвезда, чиј глас се слуша на сите меридијани на Земјината топка. (…) Не раѓа друга Васка Македонија. Да си признаеме, да се пишува за Васка, со нашиот скуден речник, само грев и чиниме. Таа ги пишува песните, таа ги знае, таа ги сее во сите срца македонски и ако за големиот американски артист, Џон Вејн, кога почина, во изјавата на артистката Елизабет Тејлор беше речено, Џон Вејн значи Америка, за нас Васка Илиева значи Македонија.

Заблагодарувајќи ѝ се за она што го правеше во дијаспората, организацијата Обединети Македонци од Торонто, на златната плакета што ѝ ја додели на 2 август 1987 година, ѝ напиша: „Вашиот богат природен талент, големата професионална упорност, големото мекедонско срце, Ве издигна на врвот на македонската музичка уметност, како амбасадор на македонската народна песна. Вие ја пренесовте славата на Македонија низ целиот свет. Со Васка и за Васка ќе пеат уште многу генерации…“

Како врвен интерпретатор, Васка можеше успешно да ја отпее секоја песна. Но самата имаше обичај да рече дека иако во нејзиниот репертоар може да се најдат и понекоја љубовна или хумористична песна, сепак најмногу ѝ се при срце патриотските, печалбарските и жалните песни (баладите). Овие песни создаваат атмосфера, но и трогнуваат до солзи. Со овие песни, Васка стана мисионерка меѓу нашите во светот. На безбројните гостувања, таа преку песната на нашинците им ја доближуваше татковината, ги потсетуваше на родните огништа, на родната грутка земја, на безгрижното детство, им ги разбудуваше и разубавуваше спомените. Затоа, многумина од нив, особено оние од егејскиот и од пиринскиот дел на Македонија, кои копнееја по родните огништа, ѝ испраќаа народни песни или нивни лични творби со молба таа да ги пее. Затоа, еден нашинец заминат по белиот свет, во една прилика, за неа, егзалтирано, но не без чувство за реалност, запишал дека таа со своите песни го храни македонството и кај најмладите всадува љубов кон земјата на нивните родители, дедовци и прадедовци, поради што без претерување може да се нарече мисионер меѓу Македонците оддалечени од родната грутка земја. Во таа насока, можеме да речеме дека Васка, со своите интерпретации на македонските народни песни, ја пренесуваше македонската атмосфера во прекуокеанските земји и воспоставуваше врска меѓу нашинците во светот со нивните предци во родниот крај.

Васка Илиева живееше со песната и за песната. За неа најголема награда и душевна храна беа поканите за гостување, аплаузите на публиката, писмата на тие што ја сакаа и почитуваа од целиот свет. Цели педесет години, што значи половина век, беше присутна на музичката сцена. До крајот на животот пееше, што се вели, во живо, и се надеваше дека гласот ќе ја служи до крајот на животот. Имаше обичај да рече, „Ќе живеам додека пеам“. Зашто, без пеење, за неа животот немаше смисла.

Васка Илиева, со песната си подигна споменик. Некои нејзини интерпретации се неповторливи и ќе останат за вечни времиња културна придобивка на македонскиот народ: „Имала мајка имала“, „Земјо македонска“, „Сестра кани брата на вечера“, „Што кучиња лајат мори, моме Елено“, „Кога падна на Пирина Јане Сандански“, „Мост ми ѕидале девет мајстори“, „Судбо моја судбино“, не може друг да ги испее како што ги пееше Васка. Но малкумина знаат дека некои песни како „Земјо македонска“, „Кога падна на Пирина“, „Мост ми ѕидале девет мајстори“,  „Судбо моја судбино“, „Македонијо, земјо родена наша“, „Собрале ми се сватови“, „На 4 мај Гоце загина“ и други (околу 150 до 200 песни) се нејзини или според текстот или според мелодијата, или и едното и другото.

Знаеше да создаде атмосфера, публиката да ја расплаче. Кога настапувала во Њујорк, целиот град бил налепен со плакети. Песната „Имала мајка грозен Ѓорѓија“ била преведена на англиски јазик, а кога ја испеала и кога публиката ја разбрала содржината, целата сала плачела.

На еден настап во Овчарани, Леринско, кога водителката рекла, „Добре дошла, мила Васке, со твоите песни се родивме, со нив израснавме, со нив се гордееме“, Васка заплакала. „Кога го слушнав тоа нешто не издржав, се расплакав од среќа, зашто со свои очи видов колку тој народ ја сака Македонија“. Кога тргнала знаејќи каде оди, очекувала проблеми, но сè поминало убаво. „Кога тргнав, јасно ми беше дека можат да настанат проблеми, но едно си реков: Македонка сум се родила, Македонка ќе умрам ако треба. Ја испеав и ’Земјо Македонска’ и ’Македонијо, земјо родена’,  заедно со мене пееја сите во еден глас: ’Знаме да си развееме, во града Солуна’. Ништо не ми се случи, ете, можеби го имам тоа сонце на челото што ме води да ги победам сите асимилаторски пропаганди. И пак ќе одам за Воденско и Леринско кај браќата Македонци. Со песната ќе ги обединиме сите Македонци во целиот свет. Го чувствувам тоа македонско обединување“.

Васка Илиева е една од оние личности што бескомпромисно се бореше за признавање на новосоздадените песни во времето кога тие не се емитуваа на Радио-телевизија Скопје. На новинарско прашање: Проблем што ве мачи, таа одговараше: „Тоа е непризнавањето на авторството на текстот и композицијата на песните што се во стилот на народните. Кога тоа може да се признава секаде во земјата (се мисли во Југославија) може да го прави и РТВ Скопје. Ми се чини дека ова прашање заслужува внимание и нашите културни и јавни работници треба да се произнесат за него и да донесат соодветни решенија“.

Васка секој ден добиваше купишта писма од нашите во светот. Во едни писма ја канеа да им гостува, во други è се заблагодаруваа за честа што била во нивната средина. Ѝ кажуваа дека таа со нејзините песни повеќе направила за подигнување на патриотизмот од сите говори на политичарите. Посебно трогателни биле нејзините песни за постарите иселеници, кај кои копнежот по родната грутка бил најсилен. Така, некој дедо Ѓорѓи од селото Бапчор, Костурско, во една пригода и пишува: „Драга почитувана Васка! Јас сум еден од постарите Македонци, кој живее далеку од својата родна грутка, овде во Торонто, Канада. Јас би те прашал нешто! Дали ти знаеш, колку се радуваме ние Македонците кога го слушаме твојот глас, којшто е познат  низ целиот свет. Ти пееш на нашиот мајчин јазик кој е за нас најубав јазик. Дали ти знаеш како влијаеше на нас кога ги пееше нашите убави македонски песни во нашата Македонска црква ’Свети Климент’? Ние сите се чудевме на твојот прекрасен глас и твоите убави песни. Кога те слушав верувај ми, дека од очите ми течеа солзи, но не сакав да ме видат и се затскрив зад едно ќоше и си ги бришев солзите. И сите мои пријатели истото го почувствуваа. (…) Те милвам и се радвам со тебе, која го израдува целиот македонски народ, со твојот глас и мајчин јазик“.

Некој Ристо Ничов, исто така од Торонто,  откако разбрал дека Васка пеела во некои села во Егејска Македонија, ѝ пишува: „Мила Васка. Струја помина низ цела Канада. Васка Илиева ојде во Егејска Македонија и пееше. Сите опитват, што песни, какви песни?! Гледаме на видео и се радваме. Море и плачиме. Нема зборови во словнико да си ја кажеме нашата радост. Радост што млади пејат и пак пејат македонски. Не е угаснато македонското движење, зборвење, мислење. Колкава радост ни беше кога ја пеевте ’Знаме македонско да се вее во Солун’.  Да ни си жива Васке, солнце на Македонија“.

Овој Ристо не ја знаел адресата на Васка, и напишал само: „Васка Илиева. Македонија“. И писмото стигнало. Како и многу други писма вака адресирани. Васка ја знаеја сите, зашто таа на сите им припаѓаше. Васка живееше за своите слушатели, за тие што ја почитуваа, а тие беа многу. Васка живееше за Македонија. И на татковината ѝ даде многу: околу илјада снимки на песни, безброј концерти. Васка на Македонија ѝ го даде животот. И болна патуваше. Велеше: „Ама, таму ме чекаат, како да не појдам!“ Еднаш за „Народна волја“ изјави: „Ако треба, ќе умрам на сцената за Македонија“. А што ѝ даде татковината, Македонија, на Васка? Ништо. Во младоста, кога се вработила во „Танец“, ѝ забраниле да има деца, а кога родила, како што велеше самата, ѝ го зеле детето. Веднаш по породувањето, во болницата ѝ рекле дека детето е „здраво и право“, што се вели, ѝ го дале еднаш да го види, за другиот ден да ѝ речат дека детето умрело. „Но искрено да ви кажам, јас не верувам во тоа, не верувам дека детето ми умрело. Тие не ми кажаа од што, како се случи тоа, не ми дадоа некоја потврда, едноставно, само ме известија дека детето го нема. А многу сакав да бидам мајка, да имам деца. Но судбината си поигра со мене“. Се сомневаше дека ѝ го зеле, за да не оди на породилно боледување и да не отсуствува од работа. Испеа песна за него, пееше и плачеше.

Кога им се доделуваа станови, на, како што ги викаа, „заслужни граѓани“, нејзе не ѝ дадоа ни пензија зашто ѝ недостасувале неколку месеци. Добиваше минимална пензија од Србија за годините кога настапувала за Белградската естрада. За еден весник изјави: „46 години ја афирмирам Македонија, а дочекав пензија од Србија“. Банките ѝ ја ограбија малата заштеда. Беше тажна и резигнирана. Бирократи ја малтретираа по шалтери, уредници во Македонската радио-телевизија. Ѝ ги земаа песните, и велеа дека не се нејзини. Кажуваше една интересна анегдота за песната „Славеј пиле запеало“. Велеше дека мелодијата е нејзина, а текстот го зела од некој зборник со народни песни.  Но кога дошла да ја снима во Радио Скопје, не ѝ дозволувале да ја пее како што е во зборникот. „Ама Мате, никако не ми даде да ја испеам по текстот како што си е во книгата. Не можело да заврши трагично. А песната е трагична, како Јане и Јанка биле разделени уште мали, како возрасни се нашле се зеле и дете имале и мајка им го лулала детето и пеела, а кога се открило дека се брат и сестра, а таа им е мајка, се прегрнале и умреле. Ама овие ми велат не може така, треба да се пее дека среќно живееле. Им велам: Бре луѓе, како може да живеат среќно!? Е или така или никако. После, кога реагираа слушателите, ја преснимував така како што си е, песната. А бре, Господ да чува“.

Неколку месеци пред да почине на, 27. 10. 2000 година, во Универзалната сала во Скопје, фондацијата „Благовестие“, МТВ и Дирекцијата за култура и уметност – Скопје, организираа концерт наречен „Васка, 50 години песна“. Иако видливо болна, пееше во живо. Му се радуваше на настанот, сметајќи го за признание за она што го направила за татковината, а по добивањето на букетот цвеќе испратен од претседателот Борис Трајковски, видно возбудена извика: „Доживеа тетка Васка да добие букет цвеќе од претседателот на државата“.

Таква беше Васка Илиева. Безбели заслужи денес, 25 години по смртта, татковината да ѝ подигне споменик. Голем, колку што беше таа голема, да ја гледа цел свет. Таква каква што ја познаваше за време на животот. Да ја гледаат и од Пиринско и од Егејско, (како што таа ги викаше овие региони од Македонија) што таа со песната ги обединуваше. Вечна ѝ слава.

ПИШУВА: Проф. д-р Марко КИТЕВСКИ

ИЗДВОЕНИ