Размената на искуства и можностите за унапредување на јавниот превоз во општината се фокусот на посетата на делегацијата од Општина Шланген, Сојузна Република Германија, предводена од градоначалникот Маркус Пистер, чиј домаќин е Општина Струмица. Во составот на делегацијата е и тим експерти од областа на мобилноста.
Од Општина Струмица соопштија дека на официјалната средба меѓу градоначалникот Петар Јанков и гостите од Шланген се разговарало за можностите за воспоставување партнерство меѓу двете општини во областа на одржливата мобилност, заштитата на животната средина, урбаниот развој и справувањето со климатските промени, како и за подготовка и реализација на заеднички проекти преку европски и меѓународни програми за финансирање.
– Главната цел на повеќедневната работна агенда е ставен на унапредувањето на организацијата, управувањето и функционирањето на јавниот градски превоз во општина Струмица. Преку стручна размена и анализа на постојниот систем, целта е да се утврдат можностите за негово понатамошно подобрување и зголемување на квалитетот и достапноста на услугите на ЈП „Струмица-Транспорт“ – наведуваат од локалната самоуправа.
Градоначалникот Јанков истакнал дека германската посета претставува значајна можност за размена на европски искуства и воспоставување долгорочна соработка.
– Нашата цел е постојано да го унапредуваме јавниот превоз во Струмица, да го направиме пофункционален, побезбеден и подостапен за граѓаните. Веруваме дека размената на искуства со германските експерти ќе ни помогне да ги согледаме можностите за подобра организација и управување со системот, како и за воведување нови решенија што ќе придонесат за поквалитетни услуги и почиста животна средина – изјави Јанков.
Тој посочил дека јавниот превоз има значајна улога и во справувањето со аерозагадувањето, а неговото континуирано унапредување е важно и од аспект на заштитата на животната средина.
Германската делегација, заедно со градоначалникот Јанков, ги посетиле и манастирите во Вељуса и Водоча како дел од културното и духовно наследство на Струмица, а германската делегација ќе престојува во Струмица до 13. овој месец.












