Слем-поетесата Валерија Дамчевска е победничка на годинашното издание на „Поетски слем Македонија“ – 2026, кое од 8 до 11 октомври, по 16. Пат, се одржуваше во Прилеп. За гласовите беше задолжена петчлена жири-комисија, а второто место го освои Стефанија Граовац, додека третото место му припадна на Матеј Петров.
Дамчевска следната година ќе биде иден претставник на Македонија на Европското слем-првенство.
На годинaшниот слем се претставија десетина учесници од различни градови од земјава, кои настапија со свои поетски и прозни дела.
Неколкудневниот фестивал се отвори со изложба на ДЛУМ-Битола во НУЦК „Марко Цепенков“.
Следните два дена, покрај поетските читања, се одржаа и промоции на неколку книги поезија од авторите Елена Пренџова, Сузана Мицевска, Марија Грубор, Ненад Јолдески и Пијан Славеј (Бранислав Николов), кој заедно со „Хот-џез оркестра“ синоќа одржаа врвен поетски концерт во киното „Мис Стон“.
Фестивалот годинава пулсираше во африкански ритам, а за тоа придонесоа специјалните гостинки од Мозамбик – Африка, Елијане Бутелане и Наташа Сокре.
Учесниците имаа можност да присуствуваат и на поетското читање на манастирот Трескавец.
Фестивалот заврши со поетско читање посветено на Тихомир Јанчовски, во вилата „Ана Плетварска“.
„Поетски слем Македонија“ досега има испратено 11 национални претставнички и претставници на Европското слем-првенство, како и двајца претставници на Светското слем-првенство.
Дизајнот на плакатот е на уметникот Владимир Лукаш.
Литературната манифестација е во организација на Театарска работилница – Прилеп.











