Актуелната македонска книжевна продукција е успешно претставена пред меѓународната издавачка јавност во текот на петте саемски дена на Саемот на книгата во Франкфурт. Според Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), направени се бројни професионални средби, нови меѓународни контакти и претставување на македонските автори и можностите за преводи, со што се продолжени активности за поголема видливост и афирмација на светскиот книжевен пазар.
-Годинашното претставување во Франкфурт беше уште една важна можност да ја доближиме македонската книжевност до меѓународната издавачка јавност. Остваривме бројни средби со странски издавачи, агенти, преведувачи, но и со претставници на меѓународни издавачки асоцијации, со кои разговаравме за можностите за соработка и за поголема меѓународна видливост на македонските автори. Особено е важно што можевме да ги претставиме и конкретните можности за финансиска поддршка на преводите. Сепак, успехот на еден ваков настап не се мери само со бројот на остварени контакти. Вистинските резултати доаѓаат подоцна, кога тие контакти ќе прераснат во конкретни соработки, договори и нови изданија на македонски автори на странски јазици, истакнува Бојан Саздов, претседател на МАИ.
На македонскиот национален штанд, под препознатливиот концепт „Читај во 7/8“, беа претставени бројни македонски автори и дела, организирани во три сегменти: современа македонска книжевност со нови автори и наслови, македонски книги што веќе се преведени и објавени во странство и литература за деца, со избор од најрепрезентативните домашни автори и илустратори. Преку специјално подготвените каталози, странските издавачи имаа можност да се запознаат со разновидноста и потенцијалот на македонското книжевно творештво.
Особено значаен дел од годинашниот настап беше промотивниот настан што се одржа на 8 октомври на македонскиот национален штанд, на кој беа претставени македонските автори и актуелната книжевна продукција застапена во каталозите. На настанот присуствуваа и претставници на реномирани светски издавачки куќи и литературни агенции, кои имаа можност непосредно да се запознаат со современата македонска книжевност и со потенцијалот за нејзино претставување на меѓународниот пазар.
Значаен дел од презентацијата беше посветен и на Конкурсот на Министерството за култура и туризам за финансирање превод и објавување на домашните дела на странски јазици.











