В сабота ќе биде пуштен експресниот пат Страцин (Чатал) – Крива Паланка, а во втората половина од месецов – и делницата од експресниот пат Градско –Фариш, како и првиот дел од пругата кон Бугарија, Куманово – Бељаковце. Од ЈП за државни патишта велат дека го исполнуваат ветувањето за изградба на експресни патишта.
– Фокусирани сме на изградбата на неколку експресни патишта, кои наскоро ќе бидат ставени во функција. Тоа се експресниот пат Градско – клучка Дреново, кој е дел од Коридорот 10-д, во должина од 15,5 километри и кој е предвидено да биде пуштен во употреба во текот на јануари 2025 година. Експресниот пат Градско – Фариш се гради во фази и за почеток ќе биде пуштена првата делница. Делот од Дреново до Фариш, со должина од 10,2 километри, исто така е во напредна фаза, меѓутоа, поради потреба од изведба на дополнителни работи за заштита на земјените косини од ерозија, како и за заштита на опасните карпи на дел од патот, кои влијаат на безбедноста на сообраќајот, во моментот се разгледуваат алтернативни технички решенија (изведба на галерија, потпорен ѕид). Исто така, се прават напори на почетокот од јануари 2025 година да се пушти во употреба и експресниот пат А2, делница Крива Паланка – Длабочица Страцин (Чатал), во должина од 25 километри, доколку временските услови го дозволуваат тоа – изјави директорот на ЈПДП, Коце Трајановски.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува пред почетокот на туристичката сезона во Охрид, да биде пуштена и делницата од Врбјани до Охрид на автопатот Кичево – Охрид, со исклучок на делот кај Ботун, каде што има свлечиште на чие отстранување се работи. Се очекува да се пушти целата автопатска делница на крајот од 2026 година.
– Патот Гостивар – Букојчани се работи, очекувам да заврши тендерот што ќе го поврзе Букојчани со автопатот Кичево – Охрид. Исто така, забрзано се работи на патот Прилеп – Битола, очекувам да почне Тетово – Гостивар и Требениште – ГП Ќафасан по нова маршрута, бидејќи сегашната навлегува во делот што е заштитен од УНЕСКО – изјави Мицоски.