Експериментална mRNA вакцина против рак за прв пат покажа дека може да го спречи ширењето и повторната појава на меланомот, што би можело да претставува голем чекор напред во третманот на пациенти со оваа опасна по живот форма на рак на кожа.
Вакцината, наречена Интисмеран, која е персонализирана за секој пациент, успеа да го спречи враќањето или ширењето на меланомот кај луѓе кои претходно биле подложени на операција за отстранување на туморот, кога се користела во комбинација со друг лек за рак, Китруда, објавија денеска фармацевтските компании „Мерк“ и „Модерна“.
„Овие резултати од фаза 3 претставуваат пресвртница во истражувањето на ракот“, рече извршниот директор на „Модерна“, Стефан Бансел.
„Заедно со „Мерк“, почнавме да го демонстрираме трансформативниот потенцијал на оваа технологија во решавањето на важна неисполнета медицинска потреба во адјувантниот третман на меланом“, рече Бансел.
Адјувантната терапија е дополнителен медицински третман што се дава по примарниот третман, како што е операцијата, за да се уништат сите преостанати клетки на болеста, да се намали ризикот од враќање на ракот и да се зголемат шансите за целосно излекување.
Меланомот е најсмртоносната форма на рак на кожата. Според истражувачите, само околу една третина од пациентите со најтешка форма на болеста преживуваат пет години по дијагнозата.
Компаниите не кажаа колку долго пациентите кои ја примиле комбинацијата од двата лека живееле без да им напредува болеста. Повеќе детали се очекуваат на медицинска конференција подоцна оваа година, објави „Волстрит џурнал“.
Во испитувањето учествувале повеќе од 1.000 пациенти, кои во една година ја примиле или комбинацијата од Интисмеран и Китруда или само Китруда.
„Мерк“ и „Модерна“ ја тестираат вакцината и во клинички испитувања за други видови на рак, вклучувајќи карцином на белите дробови, мочниот меур и бубрежни клетки.
„Ова е возбудливо време за имунотерапија на рак. Вакцините може да направат разлика во одредени ситуации каде што товарот на туморот е низок“, забележува д-р Бардвејџ, која исто така ја држи и катедрата „Вард-Колман“ за истражување на ракот на универзитетот.
Персонализираниот пристап кон лекувањето на туморите на пациентите претставува „важен чекор“ кон развој на попрецизни лекови за рак, изјави за „Индипендент“ д-р Карен Кнудсен, извршен директор на Институтот „Паркер“ за имунотерапија на ракот.
„Биолошката основа за овој пристап е убедлива, а студијата обезбедува клиничка валидација на комбинирање на имунолошки одговор што ги таргетира специфичните карактеристики на туморот со терапија со блокада на имунолошки контролни точки. Ова претставува следната граница во имунотерапијата на ракот – не само активирање на имунолошкиот систем, туку и „учење“ што да нападне“, објаснува д-р Кнудсен.
Сепак, д-р Кнудсен, кој претходно беше извршен директор на Американското здружение за рак, забележа дека остануваат прашањата за ефикасноста на лекот.
„Ќе биде важно да се утврдат апсолутните податоци за користа и вкупното преживување. Потребно е подолго следење на пациентите за да се утврди дали подобрениот имунолошки одговор специфичен за туморот всушност води до одржлива превенција од повторување на болеста и метастази.“
„Доколку резултатите се потврдат во текот на подолго следење, оваа студија би можела да има важни импликации за употребата на терапии базирани на mRNA и неоантиген за да се спречи повторување на други видови рак“, заклучи д-р Кнудсен.












