Синдикатот на културата (СКРМ), на вчерашната прес-конференција пред Уставниот суд, побара да се одложи одлучувањето за уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура, сè додека не им биде овозможено да ги изложат своите аргументи. Повод за реакцијата беше претстојната седница на Уставниот суд, закажана за утре (27 ноември), на која треба да се разгледува токму ова прашање.
– Ако се суди според информациите што неофицијално циркулираат во Министерството за култура и според она што не е предвидено во предлог-буџетот за 2027, како и според пораките што ги добивме на состанокот во Владата, дека вработените во културата во моментов немаат ништо бидејќи Колективниот договор е пред Уставен суд, а имајќи предвид дека ова ставање на Дневен ред на седница се случува непосредно по одбивањето на понудата за линеарно покачување на платите во културата за околу 1.500 ден, тогаш оправдано се наметнува сериозна загриженост дали власта е и судија и кадија во една „правна држава”?!, велат од СКРМ.
Оттаму посочија дека, и покрај двете писмени барања доставени до Уставниот суд, нивните претставници сè уште немаат добиено покана ниту одговор дали ќе можат да присуствуваат на седницата. Тие сметаат дека, како еден од потписниците на Колективниот договор за култура, заедно со Министерството за култура и СОНК, имаат непосреден правен интерес да учествуваат во постапката. Поради тоа, бараат одржување јавна расправа на која сите засегнати страни ќе имаат можност да ги презентираат своите аргументи.
– Не смее да се донесе одлука за Колективниот договор за култура без да се слушне гласот на оние што го склучиле и на илјадниците работници чии права зависат од него. „Евентуалното” укинување или поништување на Колективниот договор значи враќање на културата кон состојбите од пред 2020 година. СКРМ очекува Уставниот суд да постапи во согласност со начелата на транспарентност, правна сигурност и правична постапка. Доколку Уставниот суд постапи спротивно на начелата и одредбите од сопствениот Акт, со кој е должен да се раководи во своето работење, СКРМ ќе ги искористи сите расположливи механизми за да ја информира меѓународната јавност и сите релевантни меѓународни и дипломатски претставници во државата за начинот на постапување на Уставниот суд во овој предмет, велат од СКРМ.
Од Уставниот суд пак, ја информираат јавноста дека предметот во кој се оспорени членот 78-љ од Законот за културата и Колективниот договор за културата, е ставен на дневен ред на седницата на 27 ноември и е во фаза на гласање. Оттаму посочуваат дека се воздржуваат од јавно коментирање на правните аргументи и од какво било прејудицирање на исходот од постапката.
– Во согласност со заложбите за транспарентност и отчетност, јавноста ќе биде навремено и целосно информирана за одлученото. Почитувајќи го правото на секој субјект јавно да ги изразува своите ставови, Уставниот суд апелира до сите засегнати страни да ја почитуваат неговата уставно загарантирана независност и да овозможат процесот на одлучување да се одвива непречено, ослободен од каква било форма на притисок или влијание. Уставниот суд одлучува исклучиво врз основа на Уставот, независно од очекувањата, интересите или популарноста на темите во јавниот дискурс, велат од Уставниот суд. (Д. Т.)












