Голем хаос се случува во редовите на европскиот шампион Олимпијакос откако долгогодишниот плејмејкер Томас Вокап (33) го информирал клубот дека еднострано го раскинува договорот. Американецот со грчки пасош побарал веднаш да ги добие потребните документи и да биде слободен играч.
Сепак, раководството на Олимпијакос експресно го одбило неговото барање и тврди дека договорот е целосно важечки. Според клубот од Пиреја, Вокап има активна соработка до летото 2027 година. Тоа значи дека доколку не дојде до договор меѓу двете страни, или ќе остане во Олимпијакос или нема да игра за друг клуб во претстојната сезона.
Олимпијакос издаде и официјално соопштение во кое наведува дека очекува тој веднаш да се појави во Грција.
Закажани се медицински и кондициски прегледи за него, а од клубот јасно ставија до знаење дека нема да отстапат од својата позиција.
- Во спротивно, Олимпијакос го задржува правото да ги искористи сите расположливи законски средства за да ги заштити своите права – порача европскиот шампион.
Според информациите на „Еурохупс“, ситуацијата е сериозна и двете страни, најверојатно, ќе завршат на суд.
Воедно, се смета дека би било големо изненадување доколку навистина се врати во Грција и повторно го облече дресот на Олимпијакос. Тој е член на грчкиот гигант од 2021 година и во тој период стана една од најважните фигури во неговите редови.
Во 2024 година беше прогласен за најдобар дефанзивец во Евролигата, додека една година претходно беше лидер на натпреварувањето по бројот на украдени топки. Минатата сезона го достигна и најголемиот успех во клупската кариера, освојувајќи ја Евролигата со Олимпијакос.
Проблемите меѓу него и клубот, сепак, не почнаа вчера. Олимпијакос во текот на летото доби понуда за него од Дубаи, но инсистираше на отштета од дури три милиони долари.
Дубаи првично понуди 600.000 долари, а потоа ја зголеми понудата на еден милион долари. Сепак, Олимпијакос го одби и вториот предлог, по што ситуацијата дополнително се влоши.
Како една од причините за незадоволството на Вокап се споменува и доаѓањето на Коди Милер-Мекинтаер. Поранешниот плејмејкер на Црвена звезда пристигна во Пиреја како негова потенцијална замена.
Доколку продолжи спорот, конечната одлука, најверојатно, ќе ја донесат правните институции, а Олимпијакос е подготвен да ги брани своите интереси докрај.











