Целосно се обновуваат пешачките површини кај ТЦ „Три бисери“ во Аеродром, простор што секојдневно го користат голем број граѓани.
Од Општина Аеродром соопштија дека со овој проект ќе се уредат околу 4.000 квадратни метри јавен простор, на потегот покрај булеварот „Јане Сандански“ – од зградата број 7 до зградата број 11.
– Старите и дотраени павер-елементи се заменуваат со нови и современи, со што овој фреквентен дел од Аеродром ќе добие модерен и уреден изглед. По неколку децении, конечно, се создаваат услови за поголема безбедност и поквалитетен јавен простор за жителите, но и за сите посетители на трговскиот центар – информираат од локалната самоуправа.
Оваа инвестиција, во вредност од 17,2 милиони денари, се реализира со поддршка од Владата.












