четврток, јуни 11, 2026
Дома СКОПСКА Урбана и архитектонска приказна за Скопје

Урбана и архитектонска приказна за Скопје

36

Во рамки на Меѓународната конференција со која официјално започна проектот „Скопје – Европска престолнина на културата за 2028”, промовирана е книгата „The Skopje Project“, од авторот проф. д-р Огнен Марина.

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, кој присуствуваше на промоцијата, истакна дека книгата го истражува Скопје не само како град кој бил обновен по голема трагедија туку како исклучителен меѓународен проект, реализиран под покровителство на Обединетите нации и со поддршка од речиси деведесет земји.

– Во неа, Скопје се појавува како симбол на меѓународна солидарност, како простор во кој архитектурата, урбанизмот, политиката и дипломатијата се спојуваат во обид да се замисли еден нов, современ и хуман град. „The Skopje Project“ ја следи сложената приказна за големите визии и нивните ограничувања, за идеализмот и компромисите, за улогата на врвни архитекти и урбанисти како Ернест Вајсман, Константинос Доксијадис, Јап Бакема и Кензо Танге, но и за поширокиот историски контекст во кој Скопје, позиционирано меѓу Истокот и Западот, станува лабораторија за модерната архитектура и урбаното планирање – нагласува Ѓорѓиевски.

Тој вели дека значењето на оваа книга за Скопје е исклучително, бидејќи, како што наведува, таа нè потсетува дека нашиот град има историја која не е само локална, туку и европска и светска. Скопје бил град во кој светот вложил знаење, солидарност и надеж.

– Кога Скопје се подготвува да биде Европска престолнина на културата во 2028 година, оваа книга добива особено современо значење. Таа ни покажува дека културата не е само програма на настани туку сила што може да го промени начинот на кој го разбираме, планираме и го живееме градот. Како што обновата по земјотресот го постави Скопје на мапата на меѓународната солидарност, така и „Скопје 2028“ може да биде можност за нова урбана трансформација заснована на култура, знаење и соработка.

Затоа, „The Skopje Project“ е важен придонес кон разговорот за иднината на Скопје, како град кој знае да учи од својата историја, но и како град кој има храброст повторно да замисли подобра, поотворена и поодржлива иднина – заклучи Ѓорѓиевски.

 

ИЗДВОЕНИ