четврток, јуни 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Скопје бара дијалог, Софија на тест – ќе има ли свест за...

Скопје бара дијалог, Софија на тест – ќе има ли свест за проширување?!

317

По изборната победа на парламентарните избори на поранешниот бугарски претседател Румен Радев, од Скопје пристигнаа честитки, но и јасни политички пораки за идните односи меѓу двете земји. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова очекува конструктивност и разбирање за проширувањето, додека премиерот Христијан Мицкоски повика на директен дијалог и одржливо решение за спорот. Двајцата државни лидери испратија порака дека политичката стабилност во Софија може да отвори простор за поинтензивна комуникација и надминување на застојот во евроинтегративниот процес, при што фокусот останува на градењето добрососедски односи и исполнувањето на реформските обврски дома. И претседателката и премиерот телефонски му честитале на Радев. Сиљановска-Давкова истакна дека стабилно мнозинство во Софија е важно за нас затоа што „ќе имаме со кого да разговараме“.

– Се разбира. Му честитав, му пратив порака, а потем и ми се јави. Разговаравме. Му посакав успех, изразив уверување дека штом доби вака високо мнозинство, тоа е гаранција за стабилност, дека, веројатно, бугарскиот народ, бугарските граѓани во него препознаа стабилен елемент на државата и нацијата, дека, веројатно, ќе може лесно да формира влада и да ја оствари својата програма. Потенцирав дека, за мене, е важен регионалниот пристап, дека очекувам пријателски однос, конструктивен однос, разбирање на потребата за проширување. Очекувам, се разбира, организирање средба – изјави македонската претседателка.

Премиерот Мицкоски, пак, во телевизиско интервју потврди дека по парламентарните избори во Бугарија, се слушнал со Румен Радев, му  честитал за победата и се заложил за дијалог и добрососедски односи.

– Јас следниот ден му се јавив на Радев, му честитав бидејќи треба да се почитува волјата на граѓаните, таа беше недвосмислена, јасна, така што му посакувам успешен мандат, посакувам, и тогаш и сега, добрососедски односи. Ние сме секогаш подготвени за дијалог, ние сме подготвени да разговараме, да го надминеме оној спор што не знам од каде се случи, иако нивната официјална позиција е дека постои некаков предлог што бил прифатен од претходната Влада и дека е доволно за да кажат тие дека нашле решение. Јас не мислам дека е доволно тоа, затоа што ако било доволно, досега ќе се решело, така што јас сум подготвен да седнам, да разговарам и да најдеме одржливо решение, кое на долг рок ќе значи интеграција на Македонија во рамките на ЕУ, процес од кој најмногу би добила соседна Бугарија – рече Мицкоски во гостување на телевизија „Сител“.

Мицкоски рече дека од македонска страна континуирано се нудат креативни решенија, се бараат средби и се разговара со партнерите во Брисел.

– Малку сме, како да кажам, во една дилема, бидејќи кога ќе побараме преку нашите партнери во Брисел билатерална средба, тие велат нема што преку Брисел, треба директно да разговараме. Кога велиме, добро, ајде директно да разговараме, тие велат ова е европски предлог. Една хаотична, конфузна состојба, но тоа што треба да го препознаеме ние е дека ние прво дома треба да си ја завршиме нашата домашна задача. Кога велам нашата домашна задача, тоа значи да си ги направиме реформите што се поврзани со реформската агенда, да направиме Македонија да биде подобро место за живеење. И во таа смисла од последниот извештај, кој очекувам многу скоро да биде објавен од страна на Европската комисија, имаме исклучително голем напредок во испораката. Буквално континуирано работиме со колегите од Владата за да ги исполниме тие индикатори што се дел од индикативната листа содржана во реформскиот план. И тоа зависи од нас и не зависи од никој друг – истакна Мицкоски.

Мицкоски вели дека треба да се работи на спроведување на реформите,наместо коленичење и потпишување бели листови хартија. Рече дека нема да прифати нешто спротивно на своите убедувања и смета дека тоа што го направи претходната Влада, претставува историски најголемата капитулација што некогаш некој можел да ја направи за македонскиот народ.

Во однос на критиките од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека оваа власт ги провоцира Грците и Бугарите, Мицкоски посочи дека со градењето гасовод и нафтовод со Грција, како и Коридорот 8 кон Бугарија, не провоцираат никого.

– Не е провокација ако се борите за вашиот идентитет и став, тоа е принципиелен однос – рече Мицкоски.

На парламентарните избори во Бугарија, Радев освои апсолутно мнозинство пратеници. Со овој убедлив триумф, Бугарија, конечно, добива стабилна Влада по години политички турбуленции и долг период на политичка нестабилност, во кој одржа дури осум изборни циклуси во рок од пет години, без да се формира трајна и функционална влада. (В. С. Н.)

ИЗДВОЕНИ