Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, во неделата вечерта официјално го призна поразот на парламентарните избори што се одржаа во неделата, 12 април 2026 година. Опишувајќи го резултатот како „јасен и болен“, по 16 години на власт, Орбан му ја честиташе победата на Петер Маѓар, лидерот на партијата Тиса, со што во Унгарија завршува една долга политичка ера. За официјален Брисел и европските престолнини, падот на Орбан значи крај на една ера на постојани опструкции. Светските медиуми како „Гардијан“ и „Ројтерс“ го оценуваат исходот како „спасување на европското единство“.
Според официјалните податоци од Националната изборна канцеларија, партијата Тиса (Почит и слобода) освои убедливи 136 од вкупно 199 места во Парламентот. Досега владејачката Фидес на Орбан доживеа тежок пораз, паѓајќи на само 56 места, што е нејзин најслаб резултат во последниве две децении.
Изборниот ден го обележа историски рекордната излезност од 79,46 %, што, според аналитичарите, е јасен сигнал за силната граѓанска желба за промени.
Во своето обраќање до поддржувачите, видливо разочараниот Орбан потврди дека му се јавил на својот противник за да му честита за победата.
– Резултатот е болен. Сè уште не ја знаеме точната причина, но ќе продолжиме во опозиција. Повеќе од 2,5 милиони луѓе гласаа за нас и им благодарам на сите, но од вечерва товарот на владеењето повеќе нема да биде на наши рамена – изјави Орбан.
Кој е Петер Маѓар: Од човек на системот до негов најголем непријател
Подемот на 45-годишниот Петер Маѓар се смета за еден од најбрзите политички пресврти во Европа. Неговата фигура е клучна во овој историски момент: тој долги години беше дел од дипломатските кругови на „Фидес“ и поранешен сопруг на ексминистерката за правда, Јудит Варга. Неговата трансформација започна кога јавно проговори против корупцијата и клиентелизмот во власта. Со својата партија, тој успеа да ги обедини и левите и десните гласачи, фокусирајќи се на транспарентноста, враќањето на правната држава и на деполитизацијата на институциите. Маѓар успеа да ги анимира апстинентите и младите генерации, кои не паметат друго владеење освен она на Орбан.
Што значи овој пораз за Европа?
Светските медиуми како „Ројтерс“, „Гардијан“ и „Би-би-си“ го пренесуваат поразот на Орбан како „монументална промена“. Орбан со години беше „кочничар“ на клучните одлуки во Брисел. Се очекува новата влада на Маѓар да ѝ стави крај на политиката на вето. Унгарија, веројатно, ќе се врати кон целосна координација со своите западни сојузници во НАТО и во ЕУ, напуштајќи го својот досегашен проруски курс.
По шеснаесет години на чело на унгарската Влада, Виктор Орбан и неговата партија „Фидес“ заминуваат во опозиција. На парламентарните избори одржани во неделата, 12 април 2026 година, унгарските гласачи со историска излезност од речиси 80 проценти им ја дадоа довербата на Петер Маѓар и ма неговото движење „Тиса“, предизвикувајќи политички земјотрес чии последици ќе се чувствуваат на целиот европски континент.
Победата на Петер Маѓар не е само успех на една партија туку и триумф на нов политички модел. Како поранешен висок функционер и инсајдер во редовите на „Фидес“, Маѓар го искористи своето познавање на системот за да го разобличи однатре. Неговата кампања се фокусираше на борбата против системската корупција – ветувањето за транспарентно трошење на државните и на европските средства беше главен мотив за неговите поддржувачи; тој најави целосна деполитизација на правосудството и на медиумите, кои во изминатата деценија беа под цврста контрола на досегашната власт; успеа да го разбуди гласот на помладите генерации, кои во него видоа лидер способен да ја извлече Унгарија од меѓународната изолација.
Европа со олеснување: Нов ветар во Брисел
За официјален Брисел и за европските престолнини, падот на Орбан значи крај на една ера на постојани опструкции. Светските медиуми како „Гардијан“ и „Ројтерс“ го оценуваат исходот како „спасување на европското единство“.
Со доаѓањето на Маѓар, се очекува Унгарија да го повлече своето вето за клучните одбранбени и економски прашања во ЕУ и во НАТО. Исто така, Будимпешта, веројатно, ќе го напушти својот контроверзен проруски курс и ќе се врати кон целосна координација со западните сојузници, што е од суштинско значење за безбедносната архитектура на Европа во контекст на војната во Украина.
„Унгарија се враќа дома“, беше една од најчесто споменуваните фрази во изборната ноќ, означувајќи го почетокот на новата политичка ера, за која Петер Маѓар вети дека ќе биде заснована на европските демократски вредности.












