Во февруари годинава биле издадени 244 одобренија за градење, што е за 10,3 проценти помалку во однос на тој месец претходната година. Најголемиот дел од одобренијата, 173, се за високоградба, а предвидена е изградба на 309 стана, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Најголем број одобренија се издадени во Полошкиот Регион, 84, по што следуваат Скопскиот со 57, Југоисточниот, 33, и Источниот Регион со 21.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 14. 476.578.000 денари, што е за 195.4 повеќе во однос на тој месец од претходната година. Зголемената вредност се должи на фактот што во референтниот период е издадено одобрение за градба на ветерен парк за производство на електрична енергија од обновливи извори, со капацитет до 132 MW, на територијата на општините Штип, Радовиш и Карбинци.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 173 (70,9 проценти) се наменети за објекти од високоградбата, 25 (10,2 проценти) од нискоградбата и 46 (18.9 проценти) за објекти за реконструкција.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 309 стана со вкупна корисна површина од 36.919 квадратни метри. Во Скопскиот Регион ќе се градат 138 стана, во Полошкиот 83, во Југоисточниот – 28, во Југозападниот – 27…
Од вкупно 244 објекти, на 174 (71,3 проценти) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 70 (28,7 проценти) инвеститори се деловни субјекти.
Во првиот квартал од годинава, становите во Скопје поскапеле за 16,7 проценти на годишно ниво, а за 0,1 процент на квартално, покажува индексот на цени на недвижности, што го објавува Народната банка врз основа на податоците што се однесуваат на огласените станови за продажба на територијата на главниот град. Минатата година, во првиот квартал, становите забележаа годишно поскапување за 19,5 проценти, во вториот за 19,9 проценти, во третиот од 25,1 процент, а во четвртиот од 25 проценти.
Агенцијата за катастар на недвижности наведе во извештајот од регистарот на цени и закупнини на пазарот на недвижности за 2025 година дека за годинава се прогнозира умерен раст на пазарот на недвижности во државава, со зголемен интерес за инвестиции и продолжен раст на закупите.












