Во црквата „Света Софија“, вечерва (18 август) од 21 часот во рамките на „Охридско лето“ ќе се одржи „Унгарска вечер“ со концерт на Ноеми Салаи, на кларинет и Александра Балог, на пијано. На програмата се: Р. Шуман со Фантастична пиеса оп. 73 и Три романси оп. 94, Мате Бела со Инсомниа, Кодај со Марошек танци, Р. Кокаи со Четири унгарски танци и Б. Барток со Романски танци.
Младата унгарска кларинетистка Ноеми Салаи како оркестарски музичар настапува со престижниот Унгарски фестивалски оркестар под диригентство на Иван Фишер во Единбург, во Будимпешта и во Њујорк. Соработува со камерниот оркестар „Орфеус“, со Симфонискиот оркестар на Бингхамптон, со ансамблите на „Џулијард“, со Симфонискиот оркестар на Принстон, како и со ансамблот за современа музика „Аксиом“. Свири и во Светскиот оркестар кој го носи името на Золтан Кодај под диригентската палка на Тамаш Васари. Носителка е на признанија и награди од натпреварите во Унгарија, Италија, Словенија, Босна и Херцеговина, Канада и САД.
Александра Балог, пак, се вбројува во некои од највозбудливите пијанисти на нејзината генерација. Како солист настапувала со повеќе оркестри во Унгарија и во Велика Британија, а настапувала и на сцените на „Карнеги Хол“ во Њујорк, во салата на Конзерваториумот „П. И. Чајковски“, во Центарот за уметности во Месксико Сити и во Капелата за музика во Брисел. Концертните настапи ја водат низ повеќе земји во Европа, во САД, во Мексико и во Еквадор, како и во поголемите културни центри низ Азија.












