Под мотото „Женски поглед: филм по нејзина мерка“, од 25 до 27 ноември во Скопје ќе се одржи петтото издание на Фестивалот на грчки филм. Во рамките на фестивалот, во Кинотеката на Македонија ќе се прикажат пет филма од грчки режисерки, а на ФДУ ќе се одржи панел-дискусија на тема „Жените, Балканот и филмската уметност“. Ова денеска го најавија грчкиот амбасадор Јоанис Малукос и уметничкиот директор на фестивалот, Небојша Јовановиќ.
– Ова петто издание претставува значаен јубилеј, но истовремено и почеток на ново поглавје, со оглед на тоа што воведуваме пофокусиран тематски пристап. Оваа година во центарот на вниманието ги ставаме жените во грчката кинематографија. Под мотото „Женски поглед: филм по нејзина мерка“, фестивалот им оддава почит на режисерките, нивната креативност, нивните автентични гласови и нивниот придонес во филмската уметност – рече на денешната прес-конференција грчкиот амбасадор Јоанис Малукос.
Додаде дека во трите долгометражни и во двата кратки филма, кои ќе се прикажат на фестивалот, се претставуваат различни генерации режисерки, од пионерки што помогнале во обликувањето на грчката кинематографија до современи режисерки што стекнуваат меѓународно признание.
– Фестивалот на грчки филм не е само можност за промоција на грчката кинематографија туку и за меѓусебно зближување на луѓето. Културата има уникатна способност да ги надминува границите, да ги премостува разликите и да создава заедничка основа. Преку кинематографијата, откриваме приказни што, можеби, потекнуваат од различни општества, но зборуваат за чувствата, предизвиците и за стремежите што сите ги споделуваме. Добриот филм може да ни овозможи да го видиме светот низ очите на некој друг. Може да ги преиспита нашите сфаќања, да нè инспирира и да нè потсети на она што нè поврзува – додаде Малукос.

Фестивалот ќе биде отворен со премиерата на филмот „Длабочината на океанот“ на Константина Коѕамани, (25 ноември, 19:00 часот, во Кинотеката), по што ќе следува разговор со режисерката. Нејзиното долгометражно дебитантско остварување, сместено во еден јапонски интернат, е тинејџерска драма за созревањето и ја следи 17- годишната Акаме, која се обучува да стане професионална сирена. Отворањето на 25 ноември симболично се совпаѓа со Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените.

Програмата ќе продолжи на истата локација, на 26 ноември од 20:00 часот, со краткиот „Летно место“ на Александра Матеу, по што ќе следува „Ева“ од 1953 година, филм на Марија Плита, првата грчка режисерка. „Ева“ се издвојува како едно од најраните дела во грчката кинематографија, чиј наратив е целосно посветен на женски лик. По проекцијата, ќе следува разговор со професорката Бети Какламаниду.
На 27 ноември од 20:00 часот, во Кинотеката ќе се прикажат и краткиот „Ништо посвето од делфин“ на Изабела Маргара и долгометражниот „Тато, зошто си замина?“ на Пени Панајотопулу. Влезот за проекциите е бесплатен, со претходна најава на веб-страницата на фестивалот.

Како што посочија организаторите, годинава сакаат фестивалот да биде нешто повеќе од серија на филмски проекции, односно да претставува простор и за дијалог и за размена на искуства. Затоа на 26 ноември од 11:00 часот, на Факултетот за драмски уметности во Скопје, ќе се одржи панел-дискусија под наслов „Жените, Балканот и филмската уметност“. На неа ќе учествуваат режисерки и професори од Грција и од Македонија, кои ќе разменат идеи, искуства и перспективи за придонесот на жените во кинематографијата. На дискусијата ќе учествуваат гостинките од Грција, режисерката Константина Коѕамани и професорката Бети Какламаниду, како и македонските филмски режисерки Марија Апчевска, Косара Митиќ, Ана Опачиќ. Модераторка ќе биде Кристина Леловац.
За уметничкиот директор, Небојша Јовановиќ, со фестивалот, кој почнал во 2017 година, се гради довербата меѓу двете земји и општества и се продлабочува културниот дијалог меѓу двата народи.












