– Првиот чекор во процесот за стекнување статус на светско културно наследство е веќе направен со вклучување на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново на привремената листа на УНЕСКО. Стручните лица вклучени во постапката за впишување на листата продолжуваат со активностите насочени кон натамошната афирмација и заштитата на овој наш споменик на културата од особено значење – велат за весникот ВЕЧЕР од Министерството за култура и туризам

 

Црквата „Свети Ѓорѓи“ во ресенското село Курбиново, еден од најзначајните споменици на византиската уметност на Балканот, по завршените конзерваторско-реставраторски активности на вредниот фрескоживопис, го чека следниот голем чекор: впишување на листата на светско наследство на УНЕСКО. Иако од 27 ноември 2020 година се наоѓа на тентативната (привремена) листа на оваа светска организација, постапката за нејзино целосно меѓународно признавање сè уште не е завршена.

– Првиот чекор во оваа насока е веќе направен со нејзиното вклучување на привремената листа на УНЕСКО. Стручните лица вклучени во постапката за впишување на листата продолжуваат со активностите насочени кон натамошната афирмација и заштитата на овој наш споменик на културата од особено значење – велат за весникот ВЕЧЕР од Министерството за култура и туризам.

Во меѓувреме, постигнат е значаен напредок во физичката заштита на споменикот. Конзервацијата и реставрацијата на фрескоживописот се реализираа преку соработка на македонски и на грчки стручни тимови, со поддршка на експертите од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици и на стручниот тим на НУ Завод и музеј – Битола. Резултатите од завршените активности беа презентирани и при неодамнешната посета на црквата од страна на министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, и министерката за култура на Грција, Лина Мендони. Директорката на НУ Завод и музеј – Битола, Маргарета Спасов, ја истакна важноста на продолжувањето на ваквите партнерства и размената на знаења и искуства во заштитата на спомениците од особено историско, уметничко и културно значење.

Инаку, црквата е изградена во 12 век, а според натписот во олтарниот простор, нејзиното живописување почнало на 25 април 1191 година, во текот на владеењето на византискиот цар Исак II Ангел. Станува збор за еднокорабна градба со полукружна апсида, долга 17 и широка седум метри, која се смета за најголема еднокорабна црква во Македонија. Иако нејзината надворешност е архитектонски скромна, внатрешноста крие вистинско богатство на средновековната уметност.

Најпрепознатлив симбол на Курбиново е архангелот Гаврил, познат како ангелот од Курбиново, прикажан во композицијата „Благовештение“. Неговата впечатлива фигура, со елегантно движење и со карактеристично разработени набори на облеката, одамна ги надминала границите на локалното културно наследство и станала едно од најпрепознатливите обележја на македонската уметност.

Особена вредност имаат и монументалните претстави на Исус Христос и на свети Ѓорѓи, портретите на светите Кирил и Методиј, како и ретките иконографски решенија што сведочат за високото уметничко и теолошко знаење на анонимните мајстори што го создале овој живопис. Токму исклучителните уметнички вредности се основата врз која е подготвена кандидатурата за УНЕСКО.

При претходните пишувања на весникот ВЕЧЕР за постапката, ни беше посочено и дека подготовката и доработката на номинациското досие се меѓу клучните предизвици. Потребно е да се подготви обемно досие со докази за исклучителната универзална вредност на споменикот, неговата автентичност и интегритетот, како и соодветен план за управување и долгорочна заштита. Сепак, конечната одлука зависи од оцената на УНЕСКО.

Инаку, Македонија досега има повеќе природни, културни и нематеријални богатства под заштита на УНЕСКО. Како светско природно и културно наследство, под заштита на УНЕСКО се Охридскиот Регион и локалитетот Длабока Река, кој е дел од сериското светско природно наследство древни и исконски букови шуми на Карпатите и другите региони на Европа.

Како нематеријално културно наследство, на листите на УНЕСКО се шест културни традиции поврзани со Македонија: „Копачката“ (2014), традиционално народно оро од селото Драмче, Пијане; гласоечко (2015) – машко двогласно пеење од Долни Полог; „Четрсе маченици во Штип“ (2013) – традиционална манифестација поврзана со празникот на светите 40 маченици; „Хидрелез“ (2017) – пролетна прослава и традиционални обичаи, мартинките и гајдата.

На привремената листа на УНЕСКО, пак, покрај црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, е и археоастрономскиот локалитет Кокино, уште едно значајно културно добро од земјава, кое го очекува следниот чекор кон меѓународно признавање. На оваа листа се Марковите кули и пештера Слатински Извор.

(Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ