Оваа улица, која е стара повеќе од еден век и која во себе крие многу приказни, историја, урбан живот, корзо, денеска е оставена сама на себе, запуштена и неуредна, иако е огледало не само на метрополата туку и на целата држава. Таа е лицето на метрополата. И покрај нејзиното значење за градот, дел од плочките на неа се пропаднати, незавиден е и изгледот на урбаната опрема и никој не води сметка за осветлувањето. Град Скопје со краток одговор информира дека во моментов се одвива темелно чистење на плоштадот „Македонија“ и на Камениот мост и дека согласно со предвидениот план и со динамиката на работа, активностите постепено ќе продолжат и на други локации во централното градско подрачје, со цел подобрување на чистотата и на изгледот на јавните површини. За осветлувањето на улицата, тврдат дека е во функција
Улицата „Македонија“ е една од најпрепознатливите и најфреквентни пешачки зони во центарот на Скопје. Оваа улица, која е стара повеќе од еден век и која во себе крие многу приказни, историја, урбан живот, корзо, денеска е оставена сама на себе, запуштена и неуредна, иако е огледало не само на метрополата туку и на целата држава. Таа е лицето на метрополата.
И покрај нејзиното значење за градот, дел од плочките на неа се пропаднати, незавиден е и изгледот на урбаната опрема и никој не води сметка за осветлувањето.
Улицата „Македонија“ е меѓу најфреквентните и низ неа секојдневно минуваат љубопитни туристи. Наместо да се восхитуваат, тие ќе се вратат разочарани од она што го виделе.
Тоа е причина и за низа реакции од самите скопјани, кои, изгледа, не стигнуваат до надлежните, кои продолжуваат само со интервенции на оштетените делови наместо со целосно и долгорочно уредување.
Општина Центар се оградува од неа, иако оваа улица блесна во времето кога беше Виолета Аларова градоначалничка.
Град Скопје со краток одговор информира дека во моментов се одвива темелно чистење на плоштадот „Македонија“ и на Камениот мост и дека согласно со предвидениот план и динамиката на работа, активностите постепено ќе продолжат и на други локации во централното градско подрачје, со цел подобрување на чистотата и изгледот на јавните површини. За осветлувањето на улицата, тврдат дека е во функција.
– Доколку се утврди или се пријави дефект на поединечно светлосно тело, надлежните служби веднаш пристапуваат кон негово санирање – децидни се градските власти.
Улицата има особено значење и поради својата историја – низ различни периоди, таа била една од главните точки на урбаниот живот во Скопје. Во 2004 година беше извршена поголема реконструкција, при што беше заменета калдрмата со плочки. За реконструкцијата на улицата, Општина Центар тогаш потроши околу еден милион евра. Беа обновени атмосферската, фекалната и водоводната мрежа за да може да издржи подземната инфраструктура во наредните триесетина години, но, за жал, не издржа, бидејќи наместо блаженство при прошетките по неа, се чувствува непријатен мирис од шахтите, проблем што не го решаваат надлежните со години.
Првиот дел на градското шеталиште е со површина од 2.200 квадратни метри, а се протега од „Пелистер“ до улицата „Димитрија Чуповски“, додека вториот дел е со површина од 6.500 квадратни метрии се протега од улицата „Димитрија Чуповски“ до улицата „Даме Груев“, опфаќајќи ги двата крака на улицата „Луј Пастер“, кон некогашното кино „Култура“ и кон зградата на „Лотарија на Македонија“.
Старите скопјани и денес жалат за извадените коцки од оваа улица, за која велат дека им буди спомени.
– Улицата „Македонија“, заедно со плоштадот, претставуваше слика на велеград какви што има во многу земји, со зачувана и одржувана традиција и култура, сè додека не се реализираше желбата на поединец (поединци), па ја тргнаа калдрмата и поставија плочки за лизгање. На таа желба подоцна се надоврзуваа и реализираа и други, па имаме слика како денешната. Со тоа, згасна најубавото нешто што го имаше Скопје и на кое бевме горди – вели Розалинда Макариевска.
Друга скопјанка вели дека ѝ е многу жал за тоа што ги извадиле коцките и ѝ го смениле оригиналниот изглед на улицата „Македонија“.
– Ми недостига – реагира таа и додава дека, како дете, до земјотресот во 1963 година, живеела на оваа улица, која тогаш се викала „Маршал Тито“.
(А. П.)












