НБА и ФИБА со заедничко соопштение потврдија дека им остануваат посветени на плановите за формирање ново кошаркарско натпреварување во Европа. Ова доаѓа откако акционерите на Евролигата ја отфрлија првичната понуда на НБА за соработка, на состанокот покрај езерото Комо.
Двете организации, сепак, сметаат дека заедничкиот проект со Евролигата би донел големи придобивки за клубовите, играчите и за навивачите.
- Партнерството што имаат цел да го воспостават Евролигата, ФИБА и НБА, ќе го ослободи огромниот потенцијал на кошарката низ Европа – се наведува во соопштението.
НБА и ФИБА порачаа дека остануваат решени да придонесат за создавање посилен и поодржлив европски кошаркарски систем.
Иако преговорите моментално се соочуваат со пречки, се очекува клубовите од Евролигата да се вратат на преговарачка маса во наредните недели.











