Изразените температурни разлики меѓу денот и ноќта, особено во септември и октомври, носат ризик од појава на рани есенски мразови. Иако обично се со помал интензитет и предизвикуваат помала штета од доцните пролетни мразови, тие, сепак, можат сериозно да ги оштетат доматите, пиперките и краставиците кои сè уште имаат плодови на отворено, но и несобраното овошје и лозовите насади.
Агрометеоролозите од УХМР апелираат до земјоделците навреме да ги соберат дозреаните плодови и да преземат превентивни мерки за заштита на преостанатиот род.
Според прогнозите, утрата во наредниот период ќе бидат ведри и студени, а минималните температури наместа ќе се спуштаат под нулата. Минималната температура ќе се движи од -2 до 10 степени, а максималната од 17 до 27 степени.
Во градинарството во овој период се сади зелена салата, додека кај останатите градинарски култури е во тек бербата. Во лозарството се берат доцните сорти десертно грозје, а кај полјоделските култури започнува сеидбата на пченицата и на јачменот.
Агрометеоролозите посочуваат дека времето на сеидбата е особено важно бидејќи влијае врз никнувањето, презимувањето и приносот. Затоа препорачуваат избор на соодветни сорти и примена на правилни агротехнички мерки според температурните услови во регионот.
За заштита од утринскиот студ се препорачува растенијата да се покриваат со агротекстил, односно агрил-фолија, како и да се применува мулчирање на почвата. Дебел слој од слама, суви лисја или кора околу кореновиот систем помага во задржување на топлината во почвата.
Како дополнителна мерка во критичните ноќни и рани утрински часови се препорачува и навремено наводнување преку системи за прскање и оросување.
Агрометеоролозите потсетуваат дека навременото преземање на овие мерки може значително да придонесе за намалување на ризикот од оштетување на земјоделските култури.












