четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Ученици од Македонија – дел од светската елита во роботика

Ученици од Македонија – дел од светската елита во роботика

67

Осуммина ученици од Академијата „Стем“, поделени во три тима, заедно со своите двајца ментори, ќе учествуваат на Олимпијадата за роботски спортови – Minoan Robotsports Competition Global Olympiad, која ќе се одржува од утре до 6 април, на грчкиот остров Крит.

Македонија и оваа година има силно претставување на една од најпрестижните светски олимпијади за роботски спортови, учениците ќе се натпреваруваат во најсложените дисциплини на ова глобално натпреварување, на кое ќе учествуваат речиси 1.500 тима од над 40 држави од целиот свет.

Учениците Павел Попоски, Анастасија Дудеска, Јаков Петков, Андреј Спасевски, Стефан Пешов, Матеа Андонова, Глигор Дединец и Петар Копачев се поделени во три тима: SPACE WALKERS (на возраст од 13 до 18 години), SPACE WALKERS JR (од 13 до 18 години) и SPACE WALKERS ALFA (на возраст до 12 години) и ќе настапат во најтешката дисциплина – Pentathlon Arena.

Станува збор за најпредизвикувачката дисциплина на Олимпијадата, каде што роботите се дизајнирани, изградени и програмирани од самите ученици.

Во оваа дисциплина, роботите мора целосно автономно, без никаква интервенција од тимовите, во рок од четири минути да извршат серија комплексни задачи со голема прецизност и сигурност.

Дополнително, тимовите SPACE WALKERS и SPACE WALKERS JR ќе настапат и во категориите транспорт на товар со самостојно изграден и програмиран хуманоиден робот, како и прецизно наведување дронови, што претставува уште едно ниво на техничка сложеност и инженерска подготовка.

Ментори на тимовите се Александра Митревска и Жарко Поп-Илиев. Од оваа Олимпијада во 2024 и 2025 година, тимовите на Академијата „Стем“ се вратија со извонредни резултати. Лани ги освоија првото, второто и третото место во категоријата петобој арена, а пред две години се пласираа на првото и на второто место.

Од „Стем“ велат дека овие резултати ја позиционираат Македонија меѓу најуспешните земји во дисциплината Pentathlon Arena и потврдуваат дека нивните млади учесници се дел од светската елита во роботиката.

 

ИЗДВОЕНИ