Неколкумесечната истрага за даночно затајување од страна на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција резултираше со апсење на струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, а опфатени се уште две лица. Според информациите од истрагата, станува збор за злоупотреба на околу 15 милиони евра. Во септември минатата година беше спроведена акција за даночно затајување во фирми во Струмица, Скопје и во Гостивар, тогаш беа приведени четири лица, а државниот јавен обвинител информираше дека е оформен предмет за даночна измама и за перење пари. Истрагата за случајот „Крмзов“ покажала дека се префрлани повеќе милиони евра од Еуростандард банка на сметки во Турција. Според објавите во медиумите, истрагата опфаќа повеќе струмички компании, кои биле дел од шемата на струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов за злоупотреба на парите.
Осомничените, со помош на фиктивни фирми и на непостојни физички лица од Косово и од други земји, правеле лажни трансакции заради изигрување на законот. Нелегално стекнатите средства од државниот буџет се переле и легализирале преку градежниот сектор.
Од партијата ВМРО-ДПМНЕ обвинуваа дека Крмзов е близок до семејството на поранешниот премиер Зоран Заев, а неговиот хотел „Вила парк“ во Струмица го нарекуваа „омиленото место на фамилијата Заеви за собирање рекет“.
Во емисијата „Код“, Крмзов изјави дека неговите проблеми започнале на крајот од минатата 2023 година, кога започнала УЈП да спроведува контроли во неговите компании. Меѓутоа, контролите постојано се одложувале и инспекторите не доаѓале во контрола, со цел, според него, државата да има изговор да не ги префрла парите.
– Ова го прават од повеќе причини. Едноставно, им пречам и во транспортот, и во градежништвото и во сè. Целата таа акција започна во времето на СДСМ, сè е на локално ниво. Одредени локални моќници што мислат дека е нивна државата и дека можат да прават што сакаат, оркестрираат лажни и инфилтрирани податоци до министри, премиери, служби за јас да бидам криминалец. Во ред, има институции, ќе се провери дали е така или не – изјави Крмзов за „Код“.